13 мај 2026
• од Темелко Тошев
Она што започна како акција за спасување на напуштено куче во скопската населба Козле, доби несекојдневен и прилично застрашувачки епилог. Портпаролката на ЗОО-Скопје, Тина Мицковска, ги потврди сомнежите кои ја брануваа јавноста – животното пронајдено врзано на синџир не е куче, туку вистински волк.
Откако животното беше заловено и транспортирано во Зоолошката градина во Скопје, сместено е во строг карантин под постојан надзор. Според Мицковска, стручниот тим веднаш забележал дека неговото однесување воопшто не наликува на домашно милениче.
„Кога го видовме убаво во живеалиштето каде што е сместено, во карантин, според секое негово движење и според сите негови карактеристики во изгледот, убаво се гледа дека навистина станува збор за волк, а не за куче“, децидна е Мицковска.
Оваа констатација не е само на вработените во Зоолошката. На терен биле и претставници од институциите, вклучително и директорот на ЈП „Лајка“ и инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), кои едногласно го потврдиле истото.
Сега клучниот фокус на истрагата е да се открие како див волк завршил на синџир во скопска населба. Агенцијата за храна и ветеринарство ќе изврши детална проверка за евентуален микрочип.
Иако првично се мислеше дека станува збор за куче-хибрид по име Сириус, чиј сопственик очајно го бараше низ Скопје, вистината излезе на виделина по нивната средба.
Мицковска откри дека разговарала со човекот кој го барал своето исчезнато милениче. Меѓутоа, откако тој внимателно ги прегледал видео-снимките и фотографиите од заловеното животно, потврдил дека тоа дефинитивно не е неговиот Сириус.
Животното останува во карантин во ЗОО-Скопје до целосно расчистување на случајот и утврдување на неговото потекло. Овој случај отвора сериозни прашања за безбедноста и контролата на чување диви животни во урбани средини.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

