20 мај 2026
• од Темелко Тошев
Граѓаните на Македонија и на другите земји надвор од Европската Унија не треба премногу да се надеваат на одложување на новиот европски систем за патување. Пораката од Брисел е децидна: нема одложувања ниту исклучоци од новиот Систем за влез и излез (ЕЕС) за трети земји, вклучително и за државите од нашиот регион.
Иако македонските власти активно бараат флексибилност за претстојниот летен период, засега е официјално потврдено само дека се можни привремени олеснувања на граничните премини исклучиво во вонредни случаи.
Европскиот систем за влез и излез се применува на ниво на целата Шенген-зона и важи подеднакво за сите земји учеснички. Од Делегацијата на ЕУ во Македонија појаснуваат дека правната рамка е строга и јасна – таа не предвидува понатамошно одложување или општи исклучоци за државјани на одредени трети земји.
Сепак, оставена е мала врата за практичност на терен. Земјите членки можат да применат привремени олеснувања на одредени гранични премини, но само во исклучителни оперативни околности и за строго ограничен временски период. Во меѓувреме, Европската комисија и Делегацијата на ЕУ во Скопје будно го следат спроведувањето на системот одржувајќи близок контакт со земјите членки.
Македонските власти се во континуирани преговори со институциите на ЕУ за да се избегне хаос за време на летните одмори. Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, информираше дека се бара механизам кој ќе овозможи олеснувања при најголемите гужви. Ова прашање тој веќе го отворил на повеќе меѓународни состаноци, вклучувајќи го и форматот „Пријатели на Западен Балкан“.
„Очекуваме како регион, соработувајќи со земјите членки кои и самите не сакаат вакви гужви, да имаме подобри услови од оние што ги имавме во изминатиот период“, истакна Муцунски.
Тој категорично ги демантираше гласините во одредени медиуми дека граѓаните на соседна Србија биле индивидуално исклучени од ЕЕС. Муцунски ги нарече овие информации апсолутно лажни и апелираше граѓаните да им веруваат исклучиво на официјалните податоци од ЕУ и од македонските институции.
За македонските туристи, јужниот сосед останува најчестата летна дестинација, но ова лето минувањето на границата ќе изгледа поинаку. Грција влегува во сезоната со целосно активиран биометриски систем, кој функционира од 10 април годинава на сите аеродроми и копнени премини.
Новиот режим носи неколку клучни промени за патниците:
Иако грчкото Министерство за надворешни работи отфрла секакви привилегии за одредени националности, тие сепак имаат план за екстремни ситуации. Во почетната фаза од примената на системот, европските правила дозволуваат „рачно управувана“ контрола. Доколку на терминалите се создадат километарски колони и застои, скенерите може краткорочно да се исклучат за да се забрза протокот на туристи. Главната цел на грчката гранична полиција е да се избегне хаос во шпицот на сезоната.
Дека новиот биометриски систем ја докажува својата ригорозност во пракса, покажува и петтиот извештај за состојбата во Шенген, неодамна презентиран од Европската комисија.
Бројките укажуваат на висока ефикасност на контролите. Од почетокот на примената, регистрирани се над 66 милиони премини на надворешните шенгенски граници. Системот досега успешно блокирал околу 32.000 влезови на патници од трети земји. Она што е најзначајно за безбедносниот аспект е фактот дека над 800 лица, на кои им бил одбиен влез, биле директно означени како безбедносен ризик за Унијата.
Граѓаните треба да се вооружат со трпение, бидејќи дигиталната идентификација и биометриските проверки дефинитивно стануваат новото секојдневие за патување низ Европа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

