26 април 2026
• од Никола Трајковски
Доналд Трамп и првата дама Меланија Трамп беа евакуирани од агенти на Тајната служба од вечерата на Асоцијацијата на дописниците од Белата куќа, откако во саботата вечерта се слушнаа истрели во хотелот „Вашингтон Хилтон“, јавија светските агенции.
Според првичните информации, еден припадник на безбедносните служби бил погоден, но бил заштитен со панцир и се наоѓа во стабилна состојба. Претседателот, првата дама и другите високи претставници кои присуствувале на настанот не се повредени.
Осомничениот напаѓач е идентификуван како 31-годишниот Коул Томас Ален од Калифорнија. Тој, според американските власти, бил вооружен со огнено оружје и ножеви кога се обидел да помине низ безбедносната зона и да се приближи кон салата во која се одржувала вечерата. По кратката безбедносна интервенција, осомничениот бил совладан и приведен.
Инцидентот се случил во хотелот „Вашингтон Хилтон“, истото место каде што во 1981 година Џон Хинкли Помладиот се обиде да го убие тогашниот претседател Роналд Реган.
По евакуацијата, Трамп се огласи на социјалната мрежа Truth Social, наведувајќи дека осомничениот е приведен и дека безбедносните служби реагирале „фантастично“. Тој изјави дека Меланија Трамп и сите членови на администрацијата кои биле присутни на вечерата се во добра состојба.
„Прилично интересна вечер во Вашингтон. Тајната служба и органите на редот завршија фантастична работа“, напиша Трамп.
На вечерата присуствувале околу 2.600 гости, меѓу кои новинари, политичари, претставници на администрацијата и јавни личности. По истрелите, дел од присутните се засолниле под масите, додека агенти на Тајната служба и други безбедносни тимови влегле во салата и почнале евакуација на високите функционери.
Меѓу присутните биле и државниот секретар Марко Рубио, министерот за здравство Роберт Ф. Кенеди Помладиот, директорот на ФБИ Каш Пател и министерот за финансии Скот Бесент. Тие биле брзо изведени од објектот по безбедносен протокол.
Мотивите за нападот засега не се утврдени. Според првичните сознанија, истражителите сметаат дека Ален дејствувал самостојно. Американските власти продолжуваат со истрагата за тоа како осомничениот успеал да се приближи до просторот во кој се одржувал настанот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

