14 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Забавниот парк „Зимзоленд“, поставен на приватно земјиште на територија на Општина Аеродром, продолжува да работи без прекини, иако од надлежен инспекциски надзор на Град Скопје е утврдено дека за неговото поставување не е издадено соодветно одобрение.
Согласно дописот од Секторот за инспекциски работи на Град Скопје, Комуналната инспекција на 11.12.2025 година извршила вонреден инспекциски надзор, при што е утврдено дека правниот субјект „Глобал Импацт“ ДООЕЛ Скопје, како сопственик на друштвото „Мега Луна 25“ ДООЕЛ Битола, поставил реквизити за луна парк на приватен имот без одобрение од надлежен орган на Градот Скопје.
Поради ограничените законски надлежности, Комуналната инспекција не може директно да наложи отстранување на реквизитите, па согласно утврдената состојба, од Општина Аеродром е побарано да постапи во рамки на своите овластувања предвидени со Законот за градење.
По информациите од Град Скопје, градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески, соопшти дека општинските инспекциски служби навремено и професионално постапуваат во врска со манифестацијата „Зимзоленд“.
Според неговата изјава, инспекциската постапка е отпочната уште на 28.11.2025 година и во моментов се разгледуваат сите релевантни факти и околности, кои се однесуваат исклучиво на одобрението за поставување урбана опрема на конкретната локација.
Митески потенцираше дека земјиштето на кое е поставен забавниот парк е во приватна сопственост, при што нагласи дека Општина Аеродром не е организатор, ниту учесник во програмските активности на „Зимзоленд“.
Од Општината информираат дека по целосно завршување на постапката ќе бидат преземени соодветни мерки, доколку се утврди дека за тоа постои законска основа.
Претходно, градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, јавно соопшти дека Градот не издал дозвола за вршење дејност на „Зимзоленд“. Тој наведе дека за сите реквизити и забавни содржини кои не се дел од официјалната програма на Општина Аеродром, надлежниот градежен инспектор од Општината е задолжен да постапи согласно законските прописи.
И покрај тековните инспекциски контроли и утврдените неправилности, од „Зимзоленд“ потврдуваат дека инспекциски надзори навистина се спроведуваат, но категорично ги демантираат наводите дека паркот ќе биде затворен. Како што наведуваат, забавниот парк продолжува да работи со редовно работно време и без никакви прекини.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

