14 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ денеска јавно го обвини Министерството за животна средина дека со децении противзаконски толерирало загадување, дозволувајќи клучни информации за емисии и согорување да се кријат од јавноста под изговор на „деловна тајна“.
Во нивното соопштение се наведува дека Министерството, обидувајќи се да се оправда за едно, како што го нарекуваат, злодело, всушност признало друго – дека со години дозволувало загадувањето и податоците поврзани со него да се третираат како деловна тајна. Според „Зелен хуман град“, за такво постапување не постои никаква законска основа, бидејќи ниту загадувањето, ниту штетата врз животната средина и здравјето на граѓаните можат да бидат класифицирани како доверливи информации.
Од иницијативата реагираат и на тврдењата на Министерството дека постоеле закони и подзаконски акти кои ѝ овозможувале на индустријата да ги крие податоците за согорување и емисии. Тие прашуваат кои се тие прописи и каде се, потенцирајќи дека, освен Законот за тутун, не постои ниту еден друг закон во кој загадувањето е дефинирано како деловна тајна.
„Додека институциите со години ја насочуваа вината кон домаќинствата како главни загадувачи, сега излегува на виделина дека со децении бил прикриван еколошки криминал, на директна штета на здравјето на граѓаните и на животната средина“, се наведува во реакцијата на „Зелен хуман град“.
Иницијативата бара Јавното обвинителство по службена должност да отвори итна истрага за институционалната улога во прикривањето на загадувањето. Тие бараат да се утврди кој, кога и по чија наредба дозволил овие информации да бидат сокриени од јавноста, како и да се утврди кривична одговорност кај сите инволвирани лица.
Дополнително, „Зелен хуман град“ инсистира на целосна транспарентност и објавување на сите податоци за емисии без никакви исклучоци, нагласувајќи дека правото на здрав и безбеден живот е уставно загарантирано право на секој граѓанин.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

