16 април 2026
• од Тодор Вангелов
Регионалната соработка, институционалниот континуитет и поттикнувањето на иновациите беа во центарот на дискусиите на седниците на Постојаниот комитет и Генералната комисија за економија, инфраструктура и енергетика на Парламентарното собрание на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПС на ПСЈИЕ), што се одржаа во главниот град на Бугарија.
На состаноците, организирани во рамките на Бугарското претседателство со ПСЈИЕ за периодот 2025–2026 година, учествуваше делегација на Собранието составена од пратениците Петар Ристески и Фатмир Битиќи. Со седниците претседаваше пратеничката од бугарскиот парламент, Илијана Зекова, додека приоритетите на претседателството ги презентираше Ивајло Јорданов од Министерството за надворешни работи на Бугарија.
Главна тема на Постојаниот комитет беше зајакнувањето на улогата на Бирото, односно Тројката, со цел обезбедување континуитет во работата на претседателствата и поефикасен мониторинг на имплементацијата на донесените одлуки. Во своето обраќање, пратеникот Петар Ристески истакна дека дијалогот и соработката се клучни предуслови за стабилноста и развојот на регионот, како и за остварување на заедничката европска перспектива.
„Парламентарното собрание има единствена улога, бидејќи го претставува гласот на граѓаните во рамките на регионалната соработка. Потребно е да се унапреди начинот на кој пратениците од различни парламенти соработуваат“, нагласи Ристески, изразувајќи поддршка за зајакнување на улогата на Бирото како механизам за континуитет, зачувување на институционалната меморија и обезбедување стратешка насока.
Во рамките на Генералната комисија за економија, инфраструктура и енергетика, пратеникот Фатмир Битиќи учествуваше во дебатата посветена на регионалната димензија на политиките за стартапи, истражување и развој и иновации во Југоисточна Европа.
Битиќи потенцираше дека иновациите и претприемништвото повеќе не се избор, туку неопходност за економски раст и конкурентност. „Регионот мора да се оддалечи од традиционалните модели и да премине кон економија базирана на знаење и иновации“, истакна тој.
Тој посочи дека иако се прават значајни национални напори за развој на стартап екосистемите и дигиталната трансформација, предизвиците како ограничени пазари, одлив на мозоци, недостиг на финансии и фрагментираност бараат заеднички регионален пристап.
Според него, поврзувањето на регионалните пазари, усогласувањето на регулативите и олеснувањето на прекуграничната соработка ќе создадат поповолна средина за претприемачите, инвеститорите и истражувачите, овозможувајќи им на стартапите полесно да се позиционираат на европската и глобалната сцена.
Парламентарното собрание на ПСЈИЕ, во кое членуваат парламентите на земјите од Југоисточна Европа, своите активности ги темели на принципите на регионална сопственост и европска интеграција. Институцијата има значајна улога во поттикнувањето на интерпарламентарниот дијалог, јакнењето на соработката и поддршката на процесот на интеграција во Европската Унија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

