16 април 2026
• од Никола Трајковски
СДСМ остро ја обвини Владата предводена од Христијан Мицкоски за, како што велат, намерно одложување на постапката за екстрадиција на поранешниот премиер Никола Груевски.
Во партиско соопштение, СДСМ тврди дека по најавите од идниот унгарски премиер Петер Маѓар дека нема да има заштита за лица обвинети за криминал, Полска веќе испратила официјално барање за екстрадиција на свои државјани од Унгарија. Според нив, ова покажува дека институциите во други земји реагираат брзо и решително, за разлика од македонските.
„Само Владата на Мицкоски чека и сѐ уште нема поднесено барање за екстрадиција на Никола Груевски“, велат од СДСМ, додавајќи дека ваквото однесување создава сериозен ризик поранешниот премиер повторно да избега од дофатот на правдата.
Опозицијата посочува дека според информации со кои располага, Груевски нема да добие азил во Турција, но дека наводно разгледува други опции, вклучително и Русија и Белорусија. Од СДСМ предупредуваат дека евентуалните договори би можеле да имаат „висока цена“, која индиректно би ја платиле граѓаните.
Во критиките, партијата директно го обвинува премиерот Мицкоски за политичка калкулација. „Очигледно е дека намерно се одложуваат процесите за да се избегне политичка одговорност, со што му се остава простор на Груевски за ново бегство“, наведуваат од СДСМ.
Дополнително, тие ја критикуваат и работата на институциите, оценувајќи дека наместо да постапуваат во согласност со законите, тие се користат за „одолжување и заштита на партиски интереси“.
СДСМ повикува Министерството за правда без одлагање да покрене постапка и официјално да побара екстрадиција на Груевски од Унгарија, со цел, како што велат, да се обезбеди владеење на правото и еднаквост пред законите.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

