22 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Србија се соочува со длабока поларизација и растечки репресии, предупредува Европскиот парламент (ЕП) во новоусвоена резолуција посветена на состојбата во земјата. Документот доаѓа една година по трагичниот инцидент на железничката станица во Нови Сад, кога се урна кровната конструкција и загинаа 16 лица – настан што поттикна масовни протести низ целата држава.
Во резолуцијата, европратениците остро ја осудуваат „волната од државно спонзорирано насилство, закани и апсења“ насочени кон мирни демонстранти, новинари и претставници на опозицијата. ЕП бара српските власти да ја гарантираат слободата на медиумите и да ги прекинат кампањите за оцрнување против судии, обвинители и професори кои изразиле поддршка за протестите.
Документот потсетува и на извештаите за прекумерна употреба на сила од страна на полицијата, користење на звучни оружја, како и обвинувањата за нелегално прислушување и објавување приватни разговори на активисти и студенти.
Европскиот парламент изразува загриженост што истрагата за трагедијата во Нови Сад сè уште не е завршена, барајќи „целосна и транспарентна постапка“ и кривична одговорност за виновните. Во резолуцијата се наведува дека Европската јавна обвинителка (EPPO) во март 2025 година започнала истрага за можни злоупотреби на европски фондови при реконструкцијата на станицата.
ЕП изразува сериозна загриженост поради растечкото влијание на Кина во Србија, особено преку инфраструктурни проекти кои често се реализираат надвор од рамките на законот за јавни набавки и без доволна транспарентност. Европратениците предупредуваат дека ваквите практики ја зголемуваат зависноста на Србија и ја оддалечуваат од европските стандарди.
Според податоците во резолуцијата, од февруари до септември 2025 година, во повеќе од 630 населени места низ Србија се одржале над 10.000 протести, меѓу кои и „најголемото граѓанско собирање во поновата историја на земјата“. ЕП ја потврдува својата поддршка за правото на студентите и граѓаните на мирен протест, при што српските студенти се номинирани за наградата „Сахаров“ за слобода на мислата.
Во заклучокот, Европскиот парламент оценува дека ситуацијата во Србија останува напната и силно поларизирана, како резултат на говор на омраза, антиевропска пропаганда и оцрнувачки медиумски кампањи спонзорирани од властите и проправителствените медиуми.
Во документот дополнително се наведува дека српската влада водела преговори со сопствениците на United Media – медиумска група во чија структура влегува и телевизијата N1 – со цел, како што се наведува, „ослабување на овој медиумски канал“. Доколку овие информации се потврдат, тоа би претставувало „сериозен напад врз медиумскиот плурализам“, кој и онака е под закана во Србија.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден