16 октомври 2025
• од Станча Јаќимовски
Министерството за надворешни работи на Бугарија (МНР) го повика словачкиот амбасадор Васил Гривна на разговор поради официјалните изјави на претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, дадени за време на неговата посета на Република Северна Македонија. Од бугарското министерство соопштија дека изразиле длабоко незадоволство од „неприфатливите коментари“ на словачкиот претседател поврзани со процесот на европска интеграција на Северна Македонија.
Генералниот директор за европски прашања, Јордан Прванов, истакнал дека Бугарија е изненадена и разочарана од позициите на Пелегрини, кои, според Софија, ја доведуваат во прашање валидноста на Европскиот консензус од јули 2022 година – документ усвоен од сите земји-членки на ЕУ, меѓу кои и Словачка.
„Силно сме разочарани што токму земја-партнер си дозволува да ја поддржува контрапродуктивната реторика на владата во Северна Македонија, која упорно бара виновник за застојот во европската интеграција. Таквата позиција не е во интерес ниту на стратешката визија на Европската унија за регионот, ниту на граѓаните на земјата-кандидат,“ изјавил Прванов.
Од МНР на Бугарија потсетуваат дека напредокот кон членство во ЕУ зависи единствено од индивидуалните заслуги на секоја земја и од спроведувањето на воспоставените критериуми и договорености.
За време на неговата посета на Северна Македонија на 14 октомври, претседателот Петер Пелегрини изјави дека Словачка силно ја поддржува европската интеграција на Скопје, но предупреди дека „со тој процес не треба да се манипулира“.
„Се плашам дека проширувањето нема да се заснова на техничката подготвеност, туку на геополитички игри и дека некои земји ќе ги користат тие игри за да го забават процесот. Ако тоа се случи, ќе биде огромна политичка грешка,“ рече Пелегрини, додавајќи дека не може да прифати двојни стандарди во рамките на Унијата.
Тој потсети дека Северна Македонија веќе две децении е дел од процесот на приближување кон ЕУ и дека направила тешки компромиси, вклучувајќи го и решавањето на спорот со името. „Европската унија прави грешка ако го губи темпото на проширување,“ додаде словачкиот претседател, нагласувајќи дека Словачка ќе продолжи да ја поддржува Северна Македонија „по сите можни начини“ бидејќи верува дека иднината на ЕУ е во проширувањето и во зајакнувањето на безбедноста на регионот.
Само што ни тргна: „Трансавиа“ ги укинува летовите меѓу Скопје и Амстердам
Филипче: Оваа влада не ги решава проблемите на граѓаните, туку ги игнорира
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден