31 мај 2026
• од Темелко Тошев
Битолската полиција расчисти случај на организирано психичко малтретирање, неовластено снимање и јавно понижување, откако група млади битолчани преку лажен профил на социјалните мрежи мамеле граѓани, преземајќи ја правдата во свои раце.
Министерството за внатрешни работи информираше дека СВР Битола поднесе кривична пријава против шест лица поради постоење основи на сомнение за сторени четири сериозни кривични дела.
Пријавени се Н. Р. (22), М. И. (19), О. Н. (19), Л. Г. (19), А. Д. В. (18) и еден 15-годишен малолетник, сите од Битола. Тие ќе одговараат за „насилство“, „злоупотреба на лични податоци“, „неовластено снимање“ и „самовластие“.
Според информациите од МВР, осомничените дејствувале организирано како група во периодот од февруари 2025 година. Нивниот план започнувал онлајн, каде преку креирани профили на социјалните мрежи се претставувале со лажен идентитет – како 14-годишна малолетничка.
Преку овој лажен профил тие воспоставувале комуникација со машки лица, со кои потоа договарале средби на повеќе различни локации на подрачјето на Битола.
Вистинскиот мотив на групата излегувал на виделина кога жртвите ќе пристигнеле на договорените места. Како што информираат од полицијата, оштетените таму биле пресретнувани од членовите на групата и подложени на сериозна тортура.
Осомничените ги снимале мажите без нивна согласност, ги навредувале, омаловажувале и психички ги малтретирале. Дел од насилството вклучувало и принудување на оштетените пред камера да даваат изјави и да признаваат дека се „педофили“.
„Создадените видео записи и нивните лични податоци биле јавно објавувани на социјални мрежи, со што кај оштетените предизвикале чувство на страв, понижување и загрозување на нивната сигурност“, посочуваат од МВР.
Полицијата го документираше случајот и поднесе соодветни пријави, а понатамошната постапка останува во рацете на надлежните правосудни институции.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

