30 мај 2026
• од Темелко Тошев
Бугарската министерка за надворешни работи, Велислава Петрова, испрати јасен сигнал до Северна Македонија дека Бугарија нема да отстапи од она што беше договорено во 2022 година, порачувајќи дека патот на земјата кон Европската Унија минува преку спроведување на преземените обврски.
Во изјава за Бугарската национална телевизија (БНТ), Петрова потенцираше дека ова повеќе не е билатерално прашање, туку прашање на односите меѓу една земја-кандидат и Европската Унија.
Таа нагласи дека тонот на бугарската страна останува „исклучително позитивен“, но призна дека честопати не гледа слично политичко однесување од официјално Скопје.
„Се надевам дека ќе наидам на политичка зрелост од другата страна. Честопати тоа не го гледам“, изјави шефицата на бугарската дипломатија.
Петрова беше категорична дека ставот на Софија останува непроменет во однос на таканаречениот „француски предлог“, кој беше усогласен во летото 2022 година. Таа потсети дека лично учествувала во преговорите за Преговарачката рамка за Северна Македонија и точно знае што е договорено. Воедно, изрази жалење што, според неа, поминало доста време, а сè уште нема видлив напредок по ова прашање.
Според министерката, Северна Македонија треба да го искористи „отворениот прозорец“ за проширување на ЕУ и целосно да се фокусира на исполнување на обврските, наместо на ескалација на тензиите со Софија.
Оваа изјава доаѓа во период на обновени тензии меѓу Скопје и Софија, откако Владата на Северна Македонија цврсто застана на ставот дека нема да прифати уставни измени под диктат и без промена на пристапот од бугарска страна (т.н. уставни измени со одложено дејство).
Во меѓувреме, се очекува претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, да ја посети Северна Македонија. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува изнаоѓање решение преку разговори за време на оваа посета, но уште еднаш јасно повтори дека нема да има отстапки „ниту еден милиметар“ кога станува збор за македонскиот идентитет.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

