31 мај 2026
• од Темелко Тошев
Поранешниот премиер Љубчо Георгиевски отвори болни историски прашања кои со децении се премолчуваат во македонската јавност. Во својот најнов настап, тој жестоко ја критикуваше улогата на поранешната Југословенска народна армија (ЈНА) за време на распадот на СФРЈ, повикувајќи на конечно разобличување на митот за оваа воена сила.
Георгиевски отворено прашува зошто со години се кријат фактите за пустошот што ЈНА го остави зад себе, инсистирајќи дека македонскиот народ мора да ја знае целата вистина.
Според Георгиевски, крајно време е луѓето да видат со кого навистина си имале работа. Тој потсетува на крвавите траги кои оваа армија ги остави низ поранешните републики.
„Кажете, сега треба да ја разобличиме таа југословенска армија, да видат луѓето со кои си имале работа. Затоа што таа југословенска армија правеше демек беше југословенска, а правеше масакри во Словенија – тоа не знаеме дали беше договорено или што беше. Меѓутоа, во Хрватска, во Босна, во Косово, таа југословенска армија направи жестоки масакри,“ истакнува Георгиевски.
Тој додава дека додека се случувале овие страотни настани во соседството, Македонија живеела во страв. „Ние тука се тресевме од таа југословенска армија,“ потсетува тој, осврнувајќи се на тензичниот период на осамостојувањето.
Еден од најболните моменти на кои се осврна Георгиевски е повлекувањето на ЈНА од македонската територија, кое го опиша како брутално и деструктивно. Тој потсети на грубото одземање на целокупното оружје кое со децении било купувано токму со парите на македонските граѓани.
Според неговите зборови, грабежот одел до таму што не се бирало што се зема:
„Тоа го памтиме ние многу добро. Тоа се тешки материјални штети,“ дециден е Георгиевски, прашувајќи зошто овој грабеж врз македонскиот имот сè уште се релативизира.
Она што предизвика најголема интрига е отвореното прашање на Георгиевски: Зошто досега се кријат тие работи и зашто не се кажуваат?
Поранешниот премиер не застана тука. Тој навести дека пустошењето на касарните и одземањето на оружјето се само дел од приказната. Георгиевски отворено посочи дека постојат и многу други работи кои засега нема да ги каже, оставајќи простор за нови, шокантни откритија за улогата на ЈНА и случувањата во Македонија во раните деведесетти години.
Дали овие изјави ќе отворат нова дебата за поновата македонска историја и дали конечно ќе се проговори за „забранетите“ теми, останува да видиме во периодот што следи.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

