16 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во анализа објавена од Инфомакс, авторот Милош Милошевски упатува остри критики кон настапите на министерката за финансии, оценувајќи дека наместо транспарентно објаснување на, како што наведува, „трагичната финансиска состојба“, јавноста е соочена со внимателно конструиран ПР-наратив.
Според анализата, економски неодржлива е тезата дека зголеменото задолжување не води кон повисок јавен долг. Авторот потенцира дека во јавните финансии важи „проста математика“: јавниот долг претставува збир од сите претходни обврски, плус новите задолжувања, минус отплатите. Во таа рамка се посочува дека за 2026 година државата планира ново задолжување од една милијарда евра, додека отплатите изнесуваат 893 милиони евра, што значи нето-зголемување на јавниот долг од најмалку 107 милиони евра.
Во текстот се оценува дека обидите ова да се прикаже како „низок ефект врз јавниот долг“ претставуваат манипулација, бидејќи задолжување од ваков обем не може да се третира како тековна и безначајна операција. Дополнително, продолжувањето на роковите за отплата од три на пет години, според авторот, ќе резултира со повисоки каматни трошоци и уште поголем вкупен долг.
Особено загрижувачка, како што се наведува, е официјалната бројка од Министерството за финансии дека во наредните пет години државата треба да сервисира 8,804 милијарди евра долгови. Тоа, според анализата, значи просечно околу 1,76 милијарди евра годишно, што претставува двоцифрен процент од бруто-домашниот производ, исклучиво за отплата на долгови. Авторот тврди дека Македонија никогаш досега немала ваква концентрација на обврски и дека е неточно да се негира историскиот максимум на задолженост.
Во написот се критикува и издавањето нови еврообврзници со рок од четири и осум години, со оценка дека тоа не го решава проблемот, туку само го одложува, при што долгот и обврските остануваат, а трошокот расте поради каматите. Повиците на „одговорност кон идните генерации“ се оценуваат како лицемерни, бидејќи, според авторот, вистинска одговорност би значела реално намалување на долгот, а не негово рефинансирање без намалување на главнината.
Анализата укажува и на недоследности во изјавите на министерката, посебно околу тврдењето дека не е можно за шест месеци да се појават дополнителни две милијарди евра долг, а потоа признанието дека станува збор за кредити договорени уште во 2018 и 2019 година. Се поставува прашањето дали овие обврски биле непознати или намерно занемарени во претходните буџетски проекции.
Заклучокот на текстот е дека, во услови на континуиран буџетски дефицит и рекордно задолжување, државата влегува во, како што се наведува, „должничка спирала“. Според авторот, јавниот долг расте, а обврските што ги презема актуелната власт се највисоки во историјата на Македонија и не можат да се сокријат зад техничка терминологија.
СДСМ прашува: Каде ја води Мицкоски Македонија – на иста листа со Сомалија?
Левица: Пратениците повторно испумпале 14,4 милиони денари за патни трошоци
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

