07 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Сите гранки на земјоделството се соочуваат со сериозни проблеми, а земјоделците се понижени и измамени од страна на власта, порача претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на средбата со производителите на зимска зелка во валандовското село Јосифово.
На средбата со земјоделците, Филипче истакна дека проблемите со откупот и ниската цена на зелката се само дел од пошироката криза во земјоделскиот сектор, која според него е резултат на недостиг од интерес и конкретни мерки од страна на актуелната власт.
Тој нагласи дека голем број земјоделски производители се соочуваат со намалени приходи и неизвесен пласман на своите производи. Како пример ги посочи лозарите, кај кои, како што рече, проблемите со откупот на грозјето останале нерешени, а цената по килограм дополнително се намалила.
„Ова е само еден сегмент од практично сите проблеми во земјоделството. Не беше решен проблемот со откупот на грозјето, цената по килограм се намали, а се намалија и европските средства поради тоа што власта беше фатена во злоупотреба на европските фондови“, изјави Филипче.
Според него, дополнителен удар за земјоделците претставува и намалувањето на средствата за субвенции, особено за производителите на тутун и други земјоделски култури.
Филипче предупреди дека новите најавени правила за добивање државна поддршка може уште повеќе да ги погодат малите земјоделци. Тој посочи дека со предложените измени се планира зголемување на минималната површина на земјиште потребна за аплицирање за субвенции – од три на пет декари.
„Над 80 проценти од земјоделците во овој регион се мали производители. Со овие измени тие воопшто нема да можат да аплицираат за субвенции“, рече Филипче.
Тој нагласи дека земјоделството има потреба од сериозна поддршка, стабилни политики и јасни мерки кои ќе обезбедат сигурен пласман и достоинствен приход за земјоделците. Според него, без такви мерки, состојбата во секторот може дополнително да се влоши.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

