06 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Околу 30 до 35 проценти од граѓаните во Бугарија веќе ги извршуваат своите плаќања во евро, покажуваат податоците на една од најголемите трговски вериги во земјата. Ова го изјави извршната директорка на компанијата, Албена Георгиева, во изјава пренесена од NOVA.
Според Георгиева, воведувањето на плаќањето со евро во првите денови од 2026 година поминало успешно и без поголеми проблеми. Таа истакна дека купувачите покажуваат разбирање и трпение при користењето на двете валути кои моментално се во паралелна употреба – левот и еврото.
„Сѐ поминува мирно. Има поединечни емоционални ситуации на касите, на пример кога граѓаните ги делат сметките или очекуваат трговските објекти да функционираат како банки и да им вратат евро при плаќање со леви. Со разговор, овие недоразбирања се надминуваат и секој ден е сѐ подобро“, објасни Георгиева.
Најголем дел од плаќањата во евро, според неа, се вршат со банкарски картички. Сепак, мнозинството граѓани и понатаму купуваат со досегашната национална валута. „Бугарите продолжуваат да плаќаат во леви и сметам дека тоа ќе продолжи и во текот на јануари“, додаде таа.
Во трговската верига е воведен систем кој ја прикажува вредноста на сметката и во леви и во евро, со цел купувачите јасно да знаат колкав износ треба да добијат како кусур. На 2 јануари, како што посочи Георгиева, имало недостиг од евро-монети, но ситуацијата брзо била коригирана веќе следниот ден.
Таа ги оцени како неосновани стравувањата за зголемување на цените на прехранбените производи поради воведувањето на еврото. Потсети и дека во текот на јануари трговските објекти ќе прифаќаат до 50 монети во леви при едно плаќање.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

