06 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Лидерот на Гренланд изјави „доста е“, откако сојузниците на Данска во Европа јасно ставија до знаење дека иднината на арктичкиот остров мора да ја одреди неговиот народ. Европските партнери ги отфрлија обновените изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за можноста САД да ја преземат контролата врз оваа огромна територија, јавува „Ројтерс“.
Најновите американски потези, вклучително и воената операција насочена кон апсење на венецуелскиот претседател Николас Мадуро, како и амбициите на Трамп за влијание врз управувањето со Венецуела, повторно ги разбудија стравувањата во Данска. Таму постои загриженост дека Гренланд, кој е автономна територија во рамки на Кралството Данска, би можел да се соочи со сличен притисок.
„Гренланд и Кралството Данска треба сами да ја одредат иднината на Гренланд, и никој друг“, изјави британскиот премиер Кир Стармер. Тој настојува да одржи коректни односи со Трамп и зазема помалку јавно критичен став во споредба со други европски лидери.
Трамп повеќепати изјавуваше дека сака да го „преземе“ Гренланд – идеја што првпат ја пласираше во 2019 година, за време на неговиот прв претседателски мандат. Вчера тој повторно нагласи: „Апсолутно ни е потребен Гренланд. Ни треба за одбрана“. Од авионот Air Force One рано утринава додаде дека на темата ќе се наврати по неколку недели.
Премиерот на Гренланд, Јенс-Фредерик Нилсен, остро реагираше преку социјалните мрежи. „Заканите, притисоците и разговорите за анексија немаат место меѓу пријатели“, напиша тој на Фејсбук. „Доста е. Крај на фантазиите за анексија“.
На 21 декември Трамп го назначи гувернерот на Луизијана, Џеф Ландри, за специјален пратеник за Гренланд. Ландри јавно изрази поддршка за приклучување на островот кон Соединетите Американски Држави.
Гренланд има исклучително стратешка позиција меѓу Европа и Северна Америка и претставува клучна точка за американскиот систем за противракетна одбрана. Покрај тоа, значајните минерални ресурси на островот се вклопуваат во стремежот на Вашингтон да ја намали зависноста од кинескиот извоз.
Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, истакна дека Гренланд ѝ припаѓа на Данска и предложи НАТО да разговара за евентуално зајакнување на неговата одбрана, доколку тоа биде потребно.
Франција, исто така, изрази солидарност, нагласувајќи дека Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните, додека портпарол на Европската комисија соопшти дека Европската унија ќе продолжи да го брани принципот на национален суверенитет.
Поддршката за Данска и Гренланд брзо пристигна и од лидерите на нордиските и балтичките земји. Данската премиерка Мете Фредериксен оцени дека изјавите на САД за „неопходноста“ од преземање на Гренланд се „апсолутно бесмислени“.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

