07 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Новата 2026 година започна со значаен исчекор во дигиталната интеграција меѓу Европската Унија и земјите-кандидатки. Од 1 јануари, Украина и Молдавија официјално се приклучија на зоната „Roam Like at Home“, со што нивните граѓани добија можност да користат мобилни услуги во рамките на ЕУ по домашни тарифи – без дополнителни роаминг трошоци.
Овој потег, кој до пред неколку месеци изгледаше речиси неверојатен, им овозможува на украинските и молдавските корисници слободно да остваруваат повици, да испраќаат пораки и да користат мобилен интернет низ земјите на Унијата и другите придружни држави. Истите услови важат и за граѓаните на ЕУ кога патуваат или комуницираат со Украина и Молдавија.
Режимот „Roam Like at Home“ функционира врз едноставен принцип: кога патувате во друга земја што е дел од зоната, мобилните услуги се наплатуваат како да сте дома, без скриени или дополнителни давачки. Во рамките на ЕУ, овој систем е во сила од 2017 година и претставува еден од најопипливите бенефити за граѓаните.
Во текот на 2026 година се очекува целосно укинување на роаминг трошоците со Црна Гора и Албанија – двете земји од Западен Балкан кои се најнапред во пристапните преговори со Унијата. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, неодамна изјави дека проширувањето на роаминг зоната е „добро за бизнисот, добро за туризмот и особено добро за зближување на луѓето“, нагласувајќи ја дигиталната поврзаност како дел од пошироката агенда за проширување на ЕУ.
Сепак, ова најавено проширување не поминува без отпор. Телекомуникациските оператори, како и дел од земјите-кандидатки, изразуваат загриженост околу распределбата на трошоците и стабилноста на пазарот. Како што пренесува Euractiv, постои страв дека зголемениот роаминг сообраќај – особено во туристичките сезони во Албанија и Црна Гора – може да создаде финансиски дисбаланси за операторите во другите земји.
Украина и Молдавија се приклучија кон зоната по, како што велат нивните претставници, „ригорозен технички процес“. Тие предупредуваат дека идните проширувања не треба да се прават ad hoc, туку со ист степен на надзор и усогласување со правилата на ЕУ. Европската комисија, пак, ја одложи презентацијата на својата стратегија за проширување на роаминг зоната до пролетта 2026 година, поради нерешени прашања меѓу земјите-членки и регулаторите.
За разлика од Црна Гора и Албанија, Македонија останува надвор од блиските планови за бесплатен роаминг со ЕУ. Заглавена во ќор-сокак во пристапните преговори, земјата и во овој сегмент заостанува, заедно со Србија и Босна и Херцеговина. Иако регионалните договори донесоа делумно намалување на цените, целосното приклучување кон зоната „Roam Like at Home“ засега не е на повидок.
Во време кога дигиталната поврзаност станува клучен показател за интеграција и секојдневен стандард за граѓаните, приклучувањето на Украина и Молдавија ја нагласува разликата меѓу земјите што напредуваат кон ЕУ и оние што остануваат заглавени на маргините. Македонија, барем засега, ќе мора да продолжи да чека.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

