06 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Речиси 50 илјади целосно нови автомобили се продадени во Бугарија во текот на 2025 година, што претставува апсолутен рекорд во поновата историја на земјата. Вкупно 49.389 нови патнички автомобили од категоријата М1 биле регистрирани во текот на годината, што е зголемување од 6.432 возила во споредба со 2024 година, покажуваат податоците на Асоцијацијата на автомобилските производители (ААП).
Со овој резултат е надминат досегашниот рекорд од 2008 година, кога биле продадени 45.478 нови автомобили, што до сега важеше за најсилна година за автомобилскиот сектор во земјата.
Од ААП појаснуваат дека во податоците за 2025 година е вклучен и извоз на нови автомобили, но и покрај тоа, станува збор за највисоко ниво на продажба во последните 35 години. Според извештаите на поранешното државно стопанско обединување „Мототехника“, на крајот од 1980-тите во Бугарија годишно се продавале и над 50 илјади автомобили, но тогаш населението било поголемо за околу 2,5 милиони жители.
Во практични бројки, во текот на минатата година на клиентите им биле испорачувани во просек по 135 нови патнички автомобили дневно. Од асоцијацијата наведуваат дека растот на приходите е еден од главните двигатели на побарувачката, како и фактот што новите автомобили на среден рок излегуваат поевтино за сопствениците во споредба со купувањето користени возила.
Сепак, целокупната слика за пазарот на нови возила во Бугарија не е целосно позитивна. И покрај рекордот, пазарот сè уште не го достигнува нивото од предкризната 2008 година, а автомобилскиот парк во земјата останува еден од најстарите и најамортизирани во Европа. Ова, меѓу другото, се должи и на недостатокот на ефикасни мерки за ограничување на користењето стари и еколошки загадувачки возила.
Особено јасно ова се забележува кај лесните товарни автомобили од категоријата N1, кои се клучни за бизнисот. Во 2025 година недостигаат податоци за набавките од страна на Министерството за одбрана, а без тие бројки се бележи годишен пад од околу 900 возила, односно приближно 13 проценти. За споредба, во 2008 година пазарот на лесни товарни возила бил повеќе од двојно поголем.
Кај тешките товарни камиони, пак, се забележува закрепнување по падот во 2024 година. Во текот на 2025 година биле продадени 3.445 тешкотоварни возила, што укажува на постепено стабилизирање на овој сегмент од пазарот.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

