11 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Раководството на Шкендија јавно реагираше по случувањата во 22. коло од Првата македонска фудбалска лига, оценувајќи дека одредени судиски одлуки на последните натпревари сериозно го нарушуваат интегритетот на шампионатот.
Од тетовскиот клуб соопштија дека подолг период одлучиле да останат воздржани и да не реагираат јавно, со надеж дека надлежните институции ќе ги разгледаат спорните ситуации и ќе преземат чекори за обезбедување фер и рамноправни услови за сите учесници во првенството. Сепак, како што наведуваат од Шкендија, настаните од натпреварите меѓу Шкендија и Брера, како и дуелот Силекс – Вардар, претставуваат „последна граница“ по која клубот почувствувал потреба јавно да ја изнесе својата загриженост.
Во реакцијата се истакнува дека одредени судиски одлуки, кои според клубот се повторуваат во повеќе наврати, наводно биле во корист на Вардар. Според Шкендија, ваквите ситуации создаваат сериозен сомнеж во начинот на управување со натпреварувањето од страна на Фудбалската федерација на Македонија и оставаат простор за сомнежи во рамноправноста на лигата.
Од клубот потенцираат дека нивната досегашна воздржаност не треба да се толкува како слабост. Напротив, тие нагласуваат дека развојот на клубот се базира на приватни инвестиции, а не на општински или државни средства. Според раководството, вложувањата се насочени кон изградба на стабилен и конкурентен спортски колектив кој достојно ќе ја претставува државата и на меѓународната сцена.
Во соопштението се наведува и дека настапите на Шкендија во европските натпреварувања придонеле за поголема видливост на македонскиот фудбал, што индиректно донело бенефити и за домашната лига, другите клубови и за целокупниот фудбал во земјата.
Сепак, од тетовскиот клуб предупредуваат дека доколку продолжи, како што велат, нерамноправниот третман во првенството и спорните судиски одлуки, ќе бидат принудени сериозно да ја преиспитаат иднината на своите инвестиции во вакво опкружување. Воедно најавуваат дека за текот и случувањата во домашниот шампионат ќе ги информираат и релевантните меѓународни институции, вклучително и УЕФА.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

