07 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, на денешната прес-конференција упати критики до премиерот Христијан Мицкоски и до актуелната власт, прашувајќи зошто, и по две години на власт, не е направен никаков чекор за враќање на старото уставно име на државата или за поништување на Преспанскиот договор.
Жерновски потсети дека пред изборите власта ветувала дека ќе го врати името и дека ќе го поништи Преспанскиот договор. Според него, тогашните политички противници биле обвинувани за предавство, но сега, кога ВМРО-ДПМНЕ ја има власта, нема конкретни потези во таа насока.
„Ветивте на народот враќање на името. Ветивте дека ќе го поништите Преспанскиот договор. Нас нè обвинувавте дека сме предавници. Но, еве веќе втора година сте на власт и никаков потег немате во тој правец“, изјави Жерновски.
Тој праша зошто власта сега не покрене иницијатива во Собранието за промена на името, доколку навистина има намера да го направи тоа. Според него, владејачкото мнозинство има можност брзо да покрене таква постапка.
„Зошто сега не го смените името? Зошто не го направите тој чекор? Излезете и покренете иницијатива во Собранието. Вие знаете дека тоа може многу лесно да се направи, во еден ден – исто како што го сторивте со декретот за забрана на говор“, рече Жерновски.
Тој додаде дека доколку власта навистина се реши на таков потег, треба јасно да им соопшти и на меѓународната заедница и на граѓаните какви би биле последиците. Според Жерновски, потребно е да се каже на Европската Унија и на НАТО дека Македонија би можела да излезе од Алијансата.
„Кажете му на народот, додека летаат ракети кон Европа, дека Македонија нема да биде во НАТО, дека нема кој да нè брани и дека ќе бидеме сами“, порача Жерновски.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

