09 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
работените во детските градинки во Општина Јегуновце веќе два месеци не ја добиле својата плата. Причините за доцнењето се предмет на спор меѓу вработените и градоначалникот, при што двете страни изнесуваат целосно различни објаснувања.
Според вработените, станува збор за притисок со цел тие самите да дадат отказ, бидејќи, како што тврдат, законски не можат да бидат отпуштени. Тие сметаат дека на овој начин се создаваат услови за нивно заминување и за вработување на нови лица.
„Редовно си одиме на работа и одговорно се грижиме за децата. До сега немало никакви поплаки. Дури и по завршување на работното време сме останувале доколку некој родител доцнел по своето дете. Два месеци сме без плата, а имаме семејства и обврски“, велат дел од вработените.
Тие посочуваат дека случајот е пријавен во СОНК, како и во Трудовиот инспекторат и во Министерството за социјална политика, демографија и млади. Според нив, бил закажан состанок помеѓу синдикатот и градоначалникот, но истиот бил одложен бидејќи градоначалникот не се појавил на работа. До негово одржување, вработените остануваат без исплата.
Од Министерството за социјална политика, демографија и млади информираат дека се запознаени со случајот. Оттаму појаснуваат дека средствата за плати и материјални трошоци се навремено префрлени на Општина Јегуновце, која има обврска тие средства да ги проследи кон предучилишната установа. Дополнително, на 4 февруари 2026 година бил извршен вонреден инспекциски надзор во сите објекти на детската градинка „Јаболчиња“, а по претставката на вработените ќе следи нов инспекциски надзор.
Од друга страна, градоначалникот Димитар Костадиновски во изјава за медиум тврди дека проблемот не е финансиски, туку организациски. Според него, вработените не го почитуваат работното време, а платата не може да се исплати без соодветна законска евиденција.
„Општината само ги префрла средствата како блок-дотација. Исплатата на платите се изработува во самата градинка. Јас не можам да потпишам нешто за кое имам индиции дека не е законски. Барам само почитување на работното време“, изјави градоначалникот.
Процесот на финансирање и исплата на платите го објаснува и пратеничката и поранешна министерка за труд и социјална политика, Јована Тренчевска. Таа посочува дека средствата што ги добиваат општините се строго наменски и мора да се користат исклучиво за плати и трошоци во градинките. Според неа, проблемот во Јегуновце произлегува од непочитување на Колективниот договор, конкретно членот 46, кој го регулира комбинираното работно време на воспитувачите и негователите.
Колективниот договор јасно предвидува дека дел од работните часови се реализираат со деца, а дел преку програмски активности кои можат да се извршуваат и надвор од установата, но сепак се сметаат за работно време.
Според вработените, со неисплатата на платите можеби е сторено и кривично дело. Дали навистина е прекршен закон и кој ја носи одговорноста, ќе треба да утврдат надлежните институции.
„Пратениците нека дојдат и пешки – Собранието утре ќе работи“, порача Гаши
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

