06 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија, Слободан Трендафилов, повика на нов протест за зголемување на платите кој ќе се одржи на 14 март во 12:05 часот. Протестот ќе започне пред Работничкиот дом во Скопје, а маршот ќе продолжи кон Собранието, Стопанската комора и Владата.
Во објава на социјалните мрежи, Трендафилов ги повика работниците масовно да излезат на улица и да ја поддржат борбата за повисоки плати. Тој истакна дека ниту едно работничко право не е подарено, туку дека за секое право работниците морале да се изборат.
Според него, работодавачите и власта не покажале доволно слух за барањата на работниците за зголемување на минималната плата и на останатите плати. Како што посочи, предложеното законско усогласување на минималната плата од 1.667 денари се однесува само на работниците кои примаат минимална плата и не носи значајно подобрување за останатите.
Трендафилов во објавата упати и критики кон, како што ги нарече, „квази синдикалци“ кои, според него, ја поддржуваат само минималната законска корекција на платата, а притоа добиваат месечни надоместоци од околу 15.000 денари.
Тој обвини дека власта се обидела да го намали притисокот со најави за намалување на функционерските плати, но, како што тврди, за кратко време биле изменети шест закони со кои, според него, биле заштитени нивните високи примања.
Претседателот на ССМ потсети дека на протестот одржан на 28 јануари учествувале повеќе од 12.000 работници и порача дека бројноста е клучна за постигнување резултати.
„За да се избориме за минимална плата од 600 евра и зголемување на останатите плати за најмалку 6.000 денари, потребни се храброст, одлучност и многу повеќе од 20.000 работници на улица“, порача Трендафилов.
Тој нагласи дека зголемувањето на минималната плата би значело и зголемување на платите во јавниот сектор, бидејќи минималната плата е дел од платните пресметки во голем број институции.
Според него, сегашното усогласување од 1.667 денари е недоволно, особено ако се земе предвид растот на трошоците за живот. Како што наведе, само во јануари и февруари 2026 година трошоците за живот се зголемиле за околу 2.000 денари по работник.
Од ССМ нагласуваат дека протестот ќе биде организиран во неработен ден, а за заинтересираните работници ќе биде обезбеден превоз од повеќе градови во државата.
Трендафилов порача дека протестот не е политички, туку исклучиво работнички и насочен кон подобрување на економската состојба на работниците.
„Колку ќе дојдете, толку и ќе добиеме“, порача тој, повикувајќи ги сите работници и синдикални членови да се приклучат на протестот на 14 март.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

