08 февруари 2026
• од Станча Јаќимовски
Новите правила за влез и излез во земјите од Шенген-зоната сериозно ги погодија македонските камионџии. Во последните пет до шест месеци, вкупно 20 возачи се соочиле со санкции поради надминување на дозволениот престој од 90 дена во период од шест месеци. Од нив, седум добиле забрана за влез – таканаречен „црн печат“ во пасошите, додека останатите 13 биле депортирани со парични казни.
Ова во емисијата „Бизнис 21“ го истакна Билјана Муратовска од асоцијацијата Макам-транс, која предупреди дека последиците за дел од возачите се особено тешки.
„Имаме 20 возачи за последниве пет-шест месеци, од кои 13 се депортирани со полесни санкции, додека седум добиле забрани за влез – на шест месеци или на цела година“, изјави Муратовска.
Според неа, разликата е значајна: додека дел од возачите поминале само со плаќање казна и без забрана за работа, другите се целосно оневозможени да ја извршуваат својата професија во земјите од Шенген-зоната.
Четиридневните протести на транспортерите од Западен Балкан, кои неодамна доведоа до блокади на граничните премини и застој на стоката, го вклучиле алармот во Брисел. По состанокот меѓу министрите од регионот и претставници на Европската комисија, се очекува Комисијата во текот на неделава да презентира преодно решение, додека се подготвува трајно.
Муратовска предупредува дека, доколку не се понуди брз и ефикасен одговор, повторни протести и блокади не се исклучени.
„Според изјавите на босанските и српските превозници, постои расположение за нови блокади, но јас сум оптимист дека ќе се најде решение“, вели таа.
Како привремена мерка, Муратовска предлага да не им се бројат печатите во пасошите на камионџиите. Според неа, Европската комисија може релативно брзо да донесе таква одлука, повикувајќи се на новата визна стратегија, со која камионџиите за првпат се признаваат како професионалци.
Најдоброто трајно решение, додава таа, е возачите на камиони да добијат ист третман како пилотите и машиновозачите, кои се изземени од новиот електронски систем за влез и излез. Очекувањата се дека проблемот би можел да се надмине во рок од два до четири месеци, доколку европските институции реагираат навреме.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

