23 април 2026
• од Тодор Вангелов
СДСМ остро реагираше на изјавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дадени за време на неговата посета на Виена, оценувајќи ги како „дипломатска катастрофа“ и сериозен удар врз угледот на државата.
Во соопштение до јавноста, СДСМ обвини дека Мицкоски, престојувајќи во главниот град на една земја-членка на Европската Унија, ги навредил домаќините, нарекувајќи ја Европа „силеџијка“ која врши „булинг“ врз Северна Македонија.
„Оваа изјава не е само дипломатски скандал, туку и срам за целата држава“, велат од партијата.
Од СДСМ дополнуваат дека Мицкоски се обидува да ја префрли вината за застојот во евроинтегративниот процес, тврдејќи дека „сè направил“, додека процесот го нарекува „приказна без крај“.
„Човекот кој освен конфликти, злоупотреба на службена должност и лично богатење не направил ништо на дипломатски план, денес ја затвора вратата на Европската Унија каде и да оди“, стои во реакцијата.
Партијата потсетува дека процесот на пристапување кон ЕУ трае повеќе од две децении и поставува прашање колку од тоа време е изгубено, како што велат, поради политиките на ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се наведуваат и низа обвинувања кон Мицкоски, меѓу кои дека ја „запоседнал правосудната власт“, ги злоупотребува ИПАРД фондовите, ја ограничува слободата на говор и врши притисок врз медиумите. Дополнително, според СДСМ, неговата политика создава меѓуетнички тензии и ги навредува граѓаните кои се залагаат за членство во ЕУ.
СДСМ исто така тврди дека ваквите постапки се прават „по директива од Москва“, со цел да се блокира евроинтегративниот пат на земјата.
Во споредба со соседните земји, како Црна Гора и Албанија, кои бележат напредок во европските интеграции, од СДСМ оценуваат дека Македонија стагнира поради актуелните политики.
Канцеларот на Австрија, Кристијан Штокер, на средбата во Виена со премиерот Христијан Мицкоски оцени дека односите меѓу двете земји се стабилни и партнерски, но истовремено испрати јасна порака дека напредокот кон Европската Унија зависи од исполнувањето на преземените обврски. Тој истакна проширувањето како клучен инструмент за стабилност, при што директно се осврна и на потребата од уставни измени во Северна Македонија – вклучително и внесувањето на Бугарите во Уставот, како еден од предусловите за продолжување на пристапните преговори со ЕУ.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

