06 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Во пресрет на големиот христијански празник – Христовото Раѓање, игуменот на манастирот „Св. Антониј Велики“ во Ново Село, отец Јаков, во интервју за порталот „Покајание.мк“ упатува сериозна критика кон начинот на кој во современото општество се одбележува Бадник и Божиќ. Неговите ставови отвораат важни прашања за границата меѓу црковното Предание, народните обичаи и паганските остатоци што, според него, сѐ почесто се прикажуваат како „православна традиција“.
Отец Јаков остро се осврнува на праксата на палење бадникови огнови, придружени со алкохол, гласна музика и обилна храна, нагласувајќи дека во ваквата атмосфера не постои никаква христијанска симболика. Според него, Црквата низ историјата се обидувала да им даде духовна содржина на одредени човечки обичаи, но во денешното празнување на Бадник тоа е невозможно.
„Како може да се христијанизира јадењето месо и пиењето алкохол во строг пост, под звуците на музика што нема никаква врска со Христовото Раѓање?“, прашува отецот, додавајќи дека најголемата трагедија е што мнозинството од тие што ја минуваат ноќта околу огновите, следниот ден не се присутни на Светата Литургија – единственото место каде што, според учењето на Црквата, вистински се среќаваме со Христос.
Посебен акцент во интервјуто е ставен на бадниковите гранчиња, кои, според отец Јаков, се релативно нова појава во поголем дел од Македонија и немаат корен во православното Предание. Тој јасно истакнува дека станува збор за исклучиво српски обичај, кој не е присутен во ниту една друга помесна Православна Црква.
„Ова повеќе е прашање на национален и културен идентитет, отколку на црковен живот“, вели игуменот, предупредувајќи дека мешањето на таквите обичаи со верата создава конфузија кај верниците и го замаглува суштинското значење на празникот.
Критика е упатена и кон таканаречената бадникова вечера, која, според отец Јаков, често е обременета со магиски верувања и страв – да не се станува од маса, да не се расчистува трпезата, со убедување дека така се обезбедува здравје и бериќет.
Тој посочува дека оваа вечера има изразен антицрковен карактер, бидејќи останува затворена во рамките на семејството, без место за сиромашните, гладните и бездомниците. „Ќе беше вистинска икона на Црквата доколку на таа трпеза имаше место и за оние што немаат“, нагласува тој.
Отец Јаков појаснува дека ставањето паричка во бадниковото лепче, исто така, не е дел од македонската црковна традиција, туку е карактеристично за Српската Православна Црква. Во манастирите, на Света Гора и во другите помесни Цркви, ваков обичај се практикува на 14 јануари, на празникот на свети Василиј Велики, каде што има јасно и утврдено значење.
Говорејќи за коледарските песни, отец Јаков објаснува дека децата-коледари ги симболизираат ангелите кои ја објавиле радосната вест за Христовото Раѓање. Затоа, според него, песните што содржат насилни и деструктивни мотиви, како „Коледе – леде“, се во спротивност со духот на празникот.
Како позитивен пример ја посочува песната „Вечниот Бог“, која произлегува од црковното Предание и носи порака на мир и благослов. Тој со радост забележува дека сѐ повеќе деца ја прифаќаат токму оваа песна.
На прашањето за одредени музички правци, како хеви-металот, отец Јаков зазема избалансиран став. Тој смета дека не треба лесно да се прогласуваат жанрови за богоугодни или богопротивни, освен кога отворено се хули на Бог или се велича злото.
Цитирајќи го свети Нектариј Егински, тој заклучува: „Музиката што ја исполнува душата со тивки и свети чувства е богоугодна, а онаа што ги разбранува страстите – треба да се отфрли.“
На крајот, отец Јаков подвлекува дека целта на ваквите ставови не е осуда, туку поправка. Критериумот за тоа што е црковно, а што не, не е лично мислење, туку евангелската и соборна свест на Црквата Христова. Само преку враќање кон таа свест, според него, празникот на Христовото Раѓање може повторно да ја добие својата вистинска духовна длабочина.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

