28 април 2026
• од Темелко Тошев
Бугарскиот културно-информативен центар (БКИЦ) во Скопје синоќа беше претесен да ги прими сите заинтересирани граѓани кои дојдоа на свеченото отворање на документарната изложба „За слободата на еден народ“. Експозицијата, посветена на 150-годишнината од Априлското востание, предизвика исклучителен интерес кај скопската јавност, потврдувајќи ја важноста на историскиот дијалог преку културата.
Уште пред официјалниот почеток на настанот, галеријата на БКИЦ беше исполнета до последното место. Масовната посетеност од страна на скопјани, меѓу кои имаше претставници на културниот и јавниот живот, историчари, но и голем број млади луѓе, придонесе за свечена и достоинствена атмосфера. Скопје ја имаше честа да биде првата дестинација надвор од Бугарија каде што се презентира оваа капитална изложба.
Директорката на центарот, Антонија Велева, во своето емотивно обраќање пред многубројната публика истакна дека оваа изложба е многу повеќе од збирка документи.
„Денеска не само што отвораме изложба, туку отвораме врата кон сеќавањето на судбоносниот април 1876 година. Ова е мост меѓу минатото, сегашноста и иднината, кој нè потсетува на обичните луѓе кои станаа херои и на кои им ја должиме слободата“, рече Велева.
Посетителите имаа ретка можност да видат над 130 автентични документи, од кои некои се изложуваат за првпат. Поставата вклучува писма, телеграми, прогласи и востанички протоколи кои ги следат настаните во сите револуционерни окрузи. Особено внимание кај публиката привлекоа османлиските архиви, кои даваат уникатен поглед на тогашната локална и централна власт врз востаничките дејствија.
Дека интересот за историјата не ги заобиколува ниту најмладите, покажа преднастанот во кој децата од предучилишната група на неделното училиште „Здравеј“ учествуваа на отворен час. Преку разговор и прилагодени приказни, тие се запознаа со значењето на Априлското востание, со што изложбата доби и важна едукативна димензија.
Настанот беше заокружен со видеообраќања од директорите на бугарската Национална библиотека и Државната агенција „Архиви“, Калина Иванова и Михаил Груев, како и од кураторот Милен Михов, кои го изразија своето задоволство од фактот што токму во Скопје изложбата наиде на толку масовен и топол прием.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

