06 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, изјави дека сегашната минимална плата во земјата не е доволна за нормален живот и дека нејзиното зголемување на 600 евра е неопходен чекор за подобрување на животниот стандард на граѓаните. Во гостување во емисија на ТВ21, тој посочи дека граѓаните се соочуваат со сериозни економски притисоци и дека на работниците им е потребна вистинска поддршка од државата.
Според Филипче, со сегашната минимална плата од околу 400 евра, дури ни три минимални плати не се доволни едно семејство да го помине месецот. Тој истакна дека луѓето се соочуваат со реални трошоци и тешко успеваат да ги покријат основните потреби.
„Луѓето не може да преживеат, реални потреби имаат, не може крај со крај да врзат. А што им вика премиерот – јадете помалку или не одете на одмор. Тоа ли е одговорна власт, тоа ли е тоа што луѓето сакаат да го видат“, рече Филипче.
Тој предупреди и на можни нови економски притисоци, посочувајќи дека глобалните кризи, како потенцијалната ескалација на кризата во Иран, може дополнително да ги зголемат цените на храната и основните производи.
Филипче ја обвини власта дека постојано бара оправдувања за да не ја зголеми минималната плата на 600 евра. Според него, наместо конкретни мерки за подобрување на стандардот на граѓаните, се нудат изговори и се префрла одговорноста.
„Излегува премиерот и им кажува на работниците дека човекот кој ја правел синдикалната кошничка рекол дека одморот е дел или не е дел. Се бараат изговори за да не се направи нешто или за да им се помогне на граѓаните. За власта е првото сценарио – само изговори за да не им се излезе во пресрет на граѓаните“, нагласи Филипче.
Тој додаде дека СДСМ и како власт и како опозиција постојано нуди конкретни предлози за зголемување на минималната плата, но тие, како што рече, не се прифаќаат од страна на актуелната власт.
„Дадовме предлог минималната плата да се зголеми на 600 евра. Нека ја зголемат за 10.000 денари, нека ја зголемат за 8.000 или 6.000 денари, а не за 1.600 денари. Тоа не е доволно за луѓето. Затоа и протестираат, и нормално е дека ќе ги поддржиме“, изјави Филипче.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

