06 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, уверува дека состојбата со снабдувањето со нафта во државата е стабилна и дека нема причина за паника кај граѓаните. Таа нагласи дека институциите внимателно ја следат ситуацијата и дека во моментов нема индикации за недостиг на гориво.
Изјавата беше дадена по панелот за економскиот раст одржан во Владата, каде министерката одговараше на новинарски прашања поврзани со евентуални проблеми со снабдувањето и цените на нафтените деривати. Според неа, во Министерството за финансии вчера се одржал состанок со претставници на нафтените компании, при што ниту една од нив не пријавила проблем со залихите на нафта.
„Состојбата е апсолутно во ред и нема никаков проблем со снабдувањето. Нема потреба од создавање паника дека нема да има нафта“, истакна Димитриеска-Кочоска.
Во меѓувреме, Државниот пазарен инспекторат врши контроли на терен со цел да се следат цените и евентуалните неправилности. Само во текот на едно деноноќие биле посетени повеќе од 100 бензински пумпи низ државата.
Министерката посочи дека, доколку се процени дека е неопходно, Владата има можност да прогласи кризна состојба, по што Министерството за финансии ќе ги активира законските инструменти за стабилизирање на состојбата. Таа објасни дека Законот за акцизи предвидува автоматски стабилизатори, кои овозможуваат намалување на акцизата доколку цената на нафтата значително порасне. Во таков случај, намалувањето би можело да изнесува 1, 2 или 4 денари, зависно од нивото на цената.
Во однос на формирањето на цените на бензините и дизелот, министерката упати дека надлежна институција е Регулаторната комисија за енергетика, која најави состанок во понеделник на кој ќе се разгледа состојбата на пазарот.
Димитриеска-Кочоска изрази жалење што во вакви ситуации, како што рече, поединци се обидуваат да остварат профит преку ширење информации за наводен недостиг на гориво и создавање вештачка паника кај граѓаните.
Според неа, на состанокот со нафтените компании секоја од нив поединечно потврдила дека располага со доволни резерви и дека нема проблеми во снабдувањето. Таа додаде дека во одредени случаи може да дојде до краткотрајно недостиг на одредена бензинска пумпа поради организациски причини, односно поради транспорт на горивото од главните складишта до пумпите, но дека таквите ситуации се нормални и обично се решаваат во рок од неколку часа.
Министерката потенцираше дека моментално цените на нафтата се стабилни и дека во однос на претходниот ден е забележано дури и мало намалување. Сепак, институциите ќе продолжат внимателно да ја следат состојбата и, доколку се појави потреба, ќе реагираат соодветно.
„Сите ја следиме состојбата и соодветно ќе реагираме. Нема потреба граѓаните да чувствуваат паника“, порача Димитриеска-Кочоска.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

