09 март 2026
• од Станча Јаќимовски
Бројот на случаи на насилство и убиства на жени во Северна Македонија е загрижувачки висок и укажува на сериозни системски слабости во заштитата на жртвите. На ова предупреди Ана Аврамоска-Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, во гостување во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV.mk.
Таа истакна дека последните случаи што ја потресоа јавноста покажуваат колку е сериозен проблемот со семејното насилство во земјава. Според неа, особено загрижувачки е фактот што дел од жртвите биле убиени во сопствениот дом – место кое треба да претставува безбедност.
Аврамоска-Нушкова потсети на неколку трагични случаи од изминатиот период. Меѓу нив е случајот со Сузана од Кавадарци, која била убиена во својот дом, како и случајот со Рамајана од Шуто Оризари, која исто така била жртва на насилство во домашна средина. Таа спомена и други трагедии, меѓу кои случај на убиство на жена во Штип, како и случај во Гостиварско, каде жена била пронајдена закопана и полуизгорена.
Дополнително, Аврамоска-Нушкова се осврна и на случајот во Куманово, каде жена првично била погребана без извршена обдукција. По еден месец била направена ексхумација и дополнителна анализа, која укажала на насилна смрт.
Таа наведе дека организациите кои работат со жртви на насилство располагаат со податоци кои се исклучително алармантни. Според нивните анализи, Северна Македонија се наоѓа меѓу првите земји во Европа според бројот на убиства на жени.
„Фрапантна е бројката на податоци што ги имаме. Тие покажуваат дека сме трети во Европа, што е сериозен сигнал дека мора да се размисли и да се преземат конкретни мерки“, нагласи Аврамоска-Нушкова.
Таа потенцира дека е неопходна посериозна институционална реакција, како и поефикасен систем за заштита на жените кои се жртви на семејно насилство. Според неа, само со навремена реакција и соодветни мерки може да се спречат нови трагедии и да се обезбеди поголема безбедност за жените во општеството.
Денеска 9 март 2026 година се празнува Наоѓањето на главата на Свети Јован Крстител
Саше Политико: УДБА е премногу укопана за Заев да го решeше бугарското прашање
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

