30 јануари 2026
• од Станча Јаќимовски
Денеска православната црква го празнува споменот на Преподобен Антониј Велики, еден од најзначајните светители и основоположник на монашкиот и подвижничкиот живот. Тој бил Египќанец, роден околу 250 година во селото Кома, во близина на Хераклеја, во благородно и богато семејство.
По смртта на своите родители, Антониј го поделил наследството со својата малолетна сестра, која ја згрижил кај блиски роднини, а својот дел го раздал на сиромасите. Веќе во дваесеттата година од животот целосно се посветил на подвижничкиот пат, кон кој чувствувал внатрешен повик уште од детството.
Најпрвин живеел во близина на родното село, но со цел да го избегне вниманието и вознемирувањето од луѓето, се повлекол длабоко во пустината, на брегот на Црвеното Море. Таму поминал дваесет години во целосна осаменост, живеејќи како затворник за светот, а слободен во Бога. Неговиот живот бил исполнет со непрестана молитва, богомислие и созерцание, како и со трпеливо поднесување на тешките демонски искушенија.
Со текот на времето, гласот за неговата светост се проширил низ целиот свет. Околу него се собрале бројни ученици, кои ги поучувал не само со зборови, туку и со личен пример, водејќи ги по патот на спасението. Иако водел строго подвижнички живот, за осумдесет и пет години само двапати ја напуштил пустината и заминал во Александрија – првиот пат со желба да прими мачеништво за време на гонењата на христијаните, а вториот пат на повик на свети Атанасиј Велики, за да ја побие клеветата на Ариевците дека ја прифатил нивната ерес.
Иако бил некнижевен, Преподобен Антониј бил духовен советник и учител на најучените луѓе од своето време, меѓу кои и свети Атанасиј Велики. Кога некои елински философи се обиделе да го искушаат со книжевна мудрост, тој им го поставил едноставното, но длабоко прашање: „Што е постаро – разумот или книгата?“ Со тоа ги засрамил, покажувајќи дека вистинската мудрост произлегува од разумот просветлен од Бога, а не само од книжевното знаење.
Преподобен Антониј Велики се смета за човек кој го достигнал највисокиот степен на духовно совршенство што може да се постигне на земјата. Исполнет со многубројни години и добродетели, тој се упокоил во Господа во 356 година, оставајќи неизбришлива трага во историјата на христијанството.
Кривична пријава против Марко Беслимовски за штета од над 14 милиони денари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

