120 години од смртта на Јосип Штросмаер
На денешен ден, 8-ми април 1905 година, по долга и плодна животна патека, починал еден од најголемите хрватски бискупи, политичари и писатели на своето време – Јосип Јурај Штросмаер. Тој се родил на 2-ри јануари 1815 година, во Осиек, во хрватизирано германско војничко семејство. Неговиот живот и работа оставиле неизбришлива трага во историјата на Хрватска, но и на целиот Балкан.
Штросмаер бил извонреден интелектуалец, кој поседувал широки образовни основи. По завршувањето на теологијата во Џаково, ја добил титулата доктор по филозофија на Универзитетот во Будимпешта, а потоа и на Виенскиот универзитет, каде што се специјализирал по канонско право. Неговата интелектуална длабочина и професионализам го доведоа до висока позиција како капелан на императорскиот двор на Хабзбуршката династија.
По назначувањето за бискуп на Босна и Срем од страна на папата, Штросмаер започнал активна борба за обединување на католичката и православната црква, што беше една од неговите најголеми визии. Но, неговата политичка активност не се ограничуваше само на религијата. Во периодот од 1860 до 1873 година, Штросмаер беше водач на Хрватската народна партија, партија која се залагаше за правата на Хрватите и за подобрување на политичките и економските услови во Хабсбуршката монархија.
Неговата визија за Југославија и за научно-културната интеграција на народите на Балканот го поттикна да учествува активно во создавањето на Југословенската академија на науките и уметностите во Загреб, а исто така и да се залага за повторно воспоставување на Загребскиот универзитет. На овој начин, Штросмаер стана еден од клучните креатори на модерното хрватско општество.
Штросмаер беше исто така посветен поддржувач на словенските народи. Тој ја поддржа мисијата на Стефан Веркович, како и издавањето на книгата Народне Песме Македонски Бугара. Со финансиска помош од 70.000 гроша помогнал во издавањето на познатата книга на браќата Миладинови, Български Народни Песни во 1861 година, која ќе остане значајно културно наследство.
Во писмо од 1861 година, Константин Миладинов му изразува благодарност на Штросмаер за неговиот значаен придонес:
„Ваша превозвишеност и пресветлост!
Пред неколку години Бугарските песни собрани, уште многу време ке стоеја закопани во неизвестност ако не беше високиот Ваш придонес. Вашата пресветлост длабоко почуствува, дека народното образование е најголемата гаранција за благосостојба од народот; и ништо пред него не штеди, штедро секогаш и секаде помогна во полезни издавања и училишни потреби. При сите тие благородни стремежи Ваша превозвишеност дозволи да обрни внимание и на најјужните словени Бугари и да го покажи својот великодушен придонес во издавањето на тоа обштеполезно сокровиште; и на крајот, закрилена од народната добра волја, ја зафати најплодородната идеја, и ја основа Југословенската Академија, тој драгоцен венец на толку големи Ваши добродетелства.
При такви сјајни Ваши услуги на книжнината се осмелив да го посветам на името од Вашата пресветлост тоа собрание од народните песни, кое, молам, благопријатно да го примите заедно со мојата длабока благодарност, со која што имам чест да го оставам на Ваша превозвишеност и пресветлост.
Најпокорниот слуга, К. Миладинов“
Тој се залагаше за исполнување на Сан Стефанскиот мировен договор од 1878 година, верувајќи во обединувањето на словенските народи. Во 1881 година, во чест на св. Кирил и Методиј, Штросмаер служел свечена литургија на словенски јазик во римската базилика "Сан Клементе", што беше голем момент во историјата на словенската црква.
И покрај сите свои политички и религиозни постигнувања, Штросмаер не заборави на својата љубов кон литературната и научната работа. Неговата посветеност на писменоста, теологијата и културното обединување останува траен белег во историјата на Балканот.
Јосип Јурај Штросмаер почина на 90-годишна возраст, на 8-ми април 1905 година, во Џаково. Неговото наследство и идеали продолжуваат да живеат и денес, како неуморен пример за посветеност, визија и борба за обединето и силно словенско општество.