18 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Бугарија нема нерешени билатерални прашања со Република Северна Македонија и не е вклучена во никакви спорови поврзани со таканаречениот компромис од јули 2022 година, изјави денеска во Брисел бугарскиот премиер во заминување Росен Желјазков. Тој говореше пред новинарите по учеството на самитот ЕУ–Западен Балкан, јави бугарската агенција БГНЕС.
Желјазков истакна дека ставот на Бугарија е во согласност со паневропските принципи, нагласувајќи дека процесот на проширување на Европската Унија треба да се темели на заслуги.
„Нашата позиција како земја членка е дека секоја земја кандидат за членство во Европската Унија, врз основа на сопствените заслуги, треба да биде оценета за својот напредок од страна на Унијата, а не од страна на поединечна земја членка“, изјави тој.
Во однос на прашањето за замрзнатите руски средства, Желјазков посочи дека соодветната регулатива ќе биде предмет на разгледување. Тој повтори дека Бугарија доследно ја поддржува Украина.
„Нашата позиција отсекогаш била принципиелна поддршка на суверенитетот на Украина, вклучително и можностите за финансирање на сè што е поврзано со постигнување траен и праведен мир, како и обновување на Украина“, нагласи Желјазков, додавајќи дека ставот на Бугарија ќе биде усогласен со позициите на останатите европски земји.
Премиерот во заминување се осврна и на процесот за влез на Бугарија во еврозоната, оценувајќи дека нема причини за загриженост.
„Со функционалните институции, кои верувам дека привремената влада ќе ги искористи за да ги растера сите стравови, ние ќе се справиме и со овој предизвик“, изјави Желјазков.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

