Зеленски: Речиси половина од оружјето за фронтот се произведува во Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, објави дека над 40% од вооружувањето што украинската армија го користи на фронтот е произведено во самата Украина. Оваа изјава ја даде на свеченоста за доделување признанија на вработени во домашната одбранбена индустрија, пренесе Би-би-си.
„Трендот е јасен и останува стабилен: Украина ќе произведува сѐ повеќе сопствено оружје – и самостојно, и во партнерство со нашите сојузници“, истакна Зеленски.
Според него, самостојното производство на оружје е клучно за долгорочната безбедност на земјата.
„Украина секогаш ќе има потреба од свои моќни системи на вооружување, за да има силна и независна украинска држава. И секогаш ќе ни биде потребна технолошка предност – за Русија да знае: на секој напад ќе следи одговор“, додаде тој.
Како дел од континуираните напори за јакнење на одбранбените капацитети, на 13 април во Киев беше претставен нов арсенал на оружје и воена техника, меѓу кои и модернизираниот оклопен транспортер БТР-60-Д.
Овој модел е надграден врз основа на борбени возила донирани од Бугарија, кои се приспособени на потребите на украинските сили.