27 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во недела во Флорида ќе оствари средба со американскиот претседател Доналд Трамп, на која централна тема ќе бидат територијалните прашања – клучната пречка во тековните мировни преговори за ставање крај на војната во Украина. Средбата се одржува во момент кога мировниот план од 20 точки и договорот за безбедносни гаранции меѓу Киев и Вашингтон се приближуваат кон финализирање.
Зеленски изјави дека „многу работи може да се одлучат пред Нова Година“, нагласувајќи дека САД ги интензивираат напорите за запирање на руската инвазија, која се смета за најсмртоносниот конфликт во Европа од Втората светска војна наваму.
„Што се однесува до чувствителните прашања, ќе разговараме и за Донбас и за нуклеарната централа Запорожје. Секако, ќе отвориме и други теми“, им изјави Зеленски на новинарите преку ВатсАп.
Русија инсистира Украина да се повлече од делови од источниот регион Донецк, иако руските сили не успеаја целосно да го освојат тој простор за време на речиси четиригодишната војна. Москва бара целосна контрола врз регионот Донбас, кој ги опфаќа областите Донецк и Луганск. Од друга страна, украинските власти се залагаат за прекин на борбите со цел замрзнување на сегашната состојба на фронтот.
Во обид да се најде компромис, Соединетите Американски Држави предложиле формирање слободна економска зона на територијата од која Украина евентуално би се повлекла. Сепак, сè уште не е прецизирано како ваквата зона би функционирала во практика.
Зеленски истакна дека секој можен територијален компромис мора да биде одобрен од украинскиот народ преку референдум. Тој повторно се осврна и на нуклеарната централа Запорожје – најголемата во Европа – која се наоѓа во близина на линијата на фронтот и моментално е под контрола на руските сили.
Целта на средбата со Трамп, според Зеленски, е да се „усогласат предлозите“ и да се разговара за потенцијални договори поврзани со украинската економија. Тој не потврди дали за време на посетата ќе биде потпишан конкретен договор, но нагласи дека Украина е отворена за таква можност.
Украинскиот претседател додаде дека договорот за безбедносни гаранции меѓу Украина и САД е „речиси готов“, додека околу 90 проценти од мировниот план од 20 точки веќе е финализиран.
Во меѓувреме, Кремљ соопшти дека Јуриј Ушаков, советник на рускиот претседател Владимир Путин, веќе остварил разговори со администрацијата на Трамп, откако Москва добила американски предлози за можен мировен договор. Рускиот весник „Комерсант“ објави дека Путин наводно им рекол на некои водечки руски бизнисмени дека би можел да размени дел од териториите под руска контрола на други места во Украина, но само доколку Русија го добие целиот регион Донбас.
Вселенскиот Патријарх ја пофали Бугарија за еврото со ликот на Свети Иван Рилски
Бујар Османи: Албанците се понижувани и заплашувани во државна институција
УЈП испрати околу 10.000 покани за пријавување доход остварен во странство
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

