30 јануари 2026
• од Гоце Кически
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, изјави дека членството на Украина во Европската Унија е реална цел доколку се примени забрзано сценарио, според кое дел од неопходните обврски би се исполнувале по самото пристапување.
На прес-конференција во Киев, Зеленски нагласи дека Украина нема да се откаже од евроинтегративниот пат, бидејќи членството во ЕУ има клучно значење за безбедноста на земјата.
„Европската Унија е безбедносна гаранција за Украина и за цела Европа. Тоа е гаранција за нашата иднина. Ова е егзистенцијален избор“, истакна тој, додавајќи дека процесот не се однесува само на геополитички и економски реалности, туку и на „заеднички вредности“.
Зеленски појасни дека, според проценките на украинската дипломатија, земјата технички би можела да биде подготвена за членство во 2027 година. Сепак, тој нагласи дека не инсистира оваа година формално да биде вградена во официјални документи, бидејќи станува збор за проценка на техничката подготвеност, а не за политички рок.
Во исто време, украинскиот претседател подвлече дека за Украина е неопходна посебна, забрзана постапка за пристапување, поради противењето од Русија.
„Она што нè интересира е брза патека. За разлика од другите земји-кандидати – нашите соседи и пријателите од Балканот – тие не се во војна и немаат непријателска сила на своите граници или на границите на Европа што би го блокирала нивното идно членство. Русија ќе го блокира нашето членство во ЕУ и во мирно време – тоа е очигледно; тоа веќе го направи“, предупреди Зеленски. Според него, Москва е заинтересирана Украина да не стане членка ниту на НАТО, ниту на ЕУ, и во иднина ќе води „хибридна војна“ против украинското пристапување.
Осврнувајќи се на ставовите на некои европски лидери дека членството бара претходно исполнување на строги услови, Зеленски предложи модел со политичка одлука за пристапување, по што обврските би се исполнувале во следната фаза.
„По политичката одлука, Украина може да го направи сето она на што ќе се обврзе пред Европската Унија. Така функционираше и со кандидатскиот статус. Прво го добивме статусот, а потоа ги исполнивме чекорите. Ако не ги исполниме – статусот не важи. Тоа е нормален пристап“, заклучи украинскиот претседател.
Не Бугарија, не Брисел – туку Мицкоски: вистинската причина за застојот кон ЕУ
Кривична пријава против Марко Беслимовски за штета од над 14 милиони денари
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

