Западни извори: Русија се соочува со недостиг на муниција за инвазијата во Украина
Западните официјални лица денеска открија дека Русија доживува сериозен недостиг од сопствено производство на муниција потребна за нејзините воени операции во Украина. Ова се должи на ефектот на санкциите наметнати на рускиот воено-индустриски комплекс, што создава сериозни тешкотии за Москва во снабдувањето со западни резервни делови, пренесува Ројтерс.
Според анонимни западни функционери, руската одбранбена индустрија се бори да ги задоволи потребите на воените операции во Украина, бидејќи нејзината неможност да набави западни резервни делови значително ја поткопува нејзината способност да произведува нови системи за оружје и да ги поправа старите.
„Не веруваме дека Русија има значаен план освен да продолжи да се бори со очекување дека бројот на руската работна сила и опрема на крајот ќе се исплати“, рече официјалниот претставник, кој сакаше да остане анонимен.
Москва користи воена опрема која била наменета за странските сојузници, велат изворите. Минатиот март, индиските воздухопловни сили соопштија дека Русија не била во можност да испорача витални резерви на индиската војска поради војната во Украина.
Оваа оценка доаѓа во критично време кога војната во Украина сега влегува во третата година, а Русија активно ја презема иницијативата во конфликтот, заземајќи ги стратешките позиции како што е Авдеевка. Според предупредувањата, Киев исто така се соочува со тешкотии со резервите на муниција.