27 декември 2025
• од Станча Јаќимовски
Вселенскиот патријарх Вартоломеј јавно ја пофали Бугарија за одлуката ликот на Свети Јован Рилски да се најде на бугарските евромонети, оценувајќи дека станува збор за силна порака за духовните вредности во современиот свет.
Ова тој го истакна во својот говор по заедничката литургија со бугарскиот патријарх Даниил, обраќајќи му се со титулата „Неговото Блаженство, софискиот митрополит и патријарх на цела Бугарија“.
Потсетувајќи дека од 1 јануари следната година Бугарија влегува во еврозоната, Вартоломеј нагласи дека изборот на Свети Јован Рилски за националните евромонети претставува радосно изненадување и длабок симбол.
„Тоа на најсвечен начин ја нагласува нераскинливата врска на бугарскиот народ со светата православна вера“, изјави Вселенскиот патријарх, додавајќи дека економијата не смее да се води само од „алгоритми и студени пресметки“, туку мора да ја има предвид божествената икономија – домостроителството на љубовта и почитта кон човекот.
Според него, економијата што ги занемарува духовните вредности и вечното назначение на човекот неминовно води кон распаѓање на општественото ткиво и не придонесува за вистински економски напредок.
Вартоломеј истакна дека преку изборот на ликот на Свети Јован Рилски, Бугарија испраќа јасна порака до европското семејство и пошироко – дека парите не се средство за користољубиво збогатување, туку дејствување на љубовта.
Тој потсети дека и византиските монети често го прикажувале ликот на Исус Христос, носејќи духовна порака за општеството. „Ништо друго не ни преостанува, освен да ја пофалиме оваа примерна иницијатива и да посакаме нејзината порака да биде целосно разбрана“, нагласи патријархот.
Во својот говор, Вартоломеј се осврна и на присуството на бројни православни верници од бугарско потекло во Истанбул, кои, како што рече, уживаат целосна пастирска грижа и заштита од Вселенската патријаршија, со почит кон нивниот јазик и обичаи.
„Тука нема веќе ни Јудеј, ни Елин, туку сите сме едно во Христа Исус“, истакна тој, најавувајќи дека бугарскиот патријарх лично ќе може да се увери во тоа на заедничката литургија во храмот „Свети Стефан“.
На крајот, Вселенскиот патријарх потсети на пораките од одбележувањето на 1700-годишнината од Првиот вселенски собор во Никеја, нагласувајќи дека Црквата е повикана да сведочи за Исус Христос во свет разнишан од неправди, војни и раздори.
„Уверени сме дека во овој дух ќе продолжиме заедно да се соочуваме со современите црковни и богословски предизвици, потпирајќи се на Оној што е Пат, Вистина и Живот“, порача Вартоломеј.
Бујар Османи: Албанците се понижувани и заплашувани во државна институција
УЈП испрати околу 10.000 покани за пријавување доход остварен во странство
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

