Voice.bg: Воен конфликт со агресивна Србија е неизбежен
Во текст објавен од бугарскиот портал ,,Гласот на Бугарија", се изнесуваат остри ставови за растечката закана од српскиот шовинизам, како и за влијанието на Србија врз Република Северна Македонија. Авторот предупредува дека Србија спроведува стратешки план за регионално проширување, кој, според нив, претставува директна закана за бугарските национални интереси, но и за стабилноста на целиот Балкан.
„Начертанието“ – коренот на српскиот експанзионизам?
Во текстот се потсетува на историскиот документ „Начертанието“ од Илия Гарашанин, кој според бугарскиот извор, го поставил темелот на идејата за Голема Србија. Авторот тврди дека Србија со поддршка од Русија низ историјата „краде бугарски територии и население“, наведувајќи ги Поморавието, Вардарска Македонија и Западните покраини како примери.
Северна Македонија како геополитичка точка
Особен акцент се става на наводното српско влијание во Северна Македонија, каде, според текстот, „србомани инсталирани од српските тајни служби работат против добрососедските односи со Бугарија“. Се тврди дека зад тензиите меѓу Скопје и Софија стои намерата РСМ да биде „анектирана од Белград“, како дел од поширок проект за создавање нова конфедерација предводена од Србија.
Враќање на редовната воена служба во Србија и регионалното затегнување
Во текстот се предупредува дека Србија веќе направила геостратегиски потези: се сојузила со Унгарија, повторно ја активирала редовната воена служба и подготвува терен за потенцијално насилно приклучување на Република Српска, Косово и Северна Македонија. Во контекст на овие случувања, се посочува на хрватско-албанско-косовскиот одбранбен сојуз како контра-мерка.
Апел за бугарска подготвеност
Според Гласът на България, Бугарија мора да преземе итни чекори: зголемување на буџетот за армијата, значајно покачување на платите на воените лица и воведување на задолжителна воена обука за сите млади. „Ако сакаш мир – подготви се за војна“, се вели на крајот од текстот, кој повикува на национално будење пред, како што го нарекуваат, „неизбежниот судир со агресивната Србија“.
Извор: Гласът на България – „Стратегически поглед: Войната с агресивната Сърбия е неизбежна“