24 август 2025
• од Тодор Вангелов
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, ја бранеше трговската зделка постигната меѓу Европската унија и претседателот на САД, Доналд Трамп, пренесе ДПА.
Спогодбата, според Фон дер Лајен, претставува „свесен избор: стабилност и предвидливост наместо ескалација и конфронтација“. Таа го истакна ова во статија за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг, која ќе биде објавена во утрешното издание.
„Замислете само за момент, ако двете најголеми економии во демократскиот свет не постигнеа согласност и започнеа трговска војна. Тоа ќе беше поздравено единствено во Москва и Пекинг“, предупреди фон дер Лајен.
Во однос на договорените 15 проценти царини за европскиот извоз во САД, таа нагласи дека станува збор за добро, иако не идеално решение. „Со реципрочни царини од наша страна, ризикувавме да предизвикаме скапа трговска војна со негативни последици за нашите работници, потрошувачи и индустрија“, додаде таа.
Преговарачката тактика на Европската комисија веќе е предмет на критики, бидејќи, според дел од аналитичарите, Вашингтон добил поповолни услови отколку што се предвидени за европските компании. Унијата ја прифати зделката по заканите на САД дека ќе воведат 30-процентни царини од 1 август и по стравувањата дека Трамп може да излезе со нови притисоци.
Со договорот, кој беше постигнат директно меѓу Фон дер Лајен и Трамп, за најголемиот дел од европските производи ќе важат 15 проценти царини при извоз во САД. Европскиот автомобилски сектор, кој досега плаќаше 27,5 проценти, ќе биде олеснет со оваа стапка, иако пред мандатот на Трамп царината беше само 2,5 проценти.
Од друга страна, Европската унија целосно ќе ги укине царините за увоз на американски индустриски производи, како и пречките за увоз на одредени прехранбени артикли. Дополнително, ЕУ се обврза да увезува енергетски производи од САД во вредност од 750 милијарди долари до крајот на мандатот на Трамп во јануари 2029 година, како и да инвестира уште 600 милијарди долари во наредните години.
Фон дер Лајен во својата статија нагласи дека Европската унија ќе продолжи да ги диверзифицира своите трговски односи.
„Токму поради тоа неодамна склучивме трговски договори со Мексико и Меркосур, ги продлабочивме односите со Швајцарија и Обединетото Кралство. И токму поради тоа ги завршивме преговорите со Индонезија и се стремиме да постигнеме договор со Индија до крајот на годината“, напиша таа.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден