28 февруари 2026
• од Гоце Кически
Опозицискиот лидер во егзил Реза Пахлави објави драматична порака на социјалните мрежи во која тврди дека со смртта на врховниот лидер на Иран, Али Хамнеи, „ефективно завршува“ ерата на Исламската Република.
Во обраќањето до „своите сонародници“, Пахлави го нарече Хамнеи „крволочниот Захак на нашето време“, алудирајќи на митолошка фигура од персиската традиција, и го обвини за смртта на „десетици илјади најхрабри синови и ќерки на Иран“. Тој оцени дека со заминувањето на врховниот лидер, државниот систем воспоставен по Исламската револуција во 1979 година влегува во својата завршна фаза.
Пахлави упати директен апел до воените, безбедносните и полициските структури во земјата, предупредувајќи дека секој обид за одржување на, како што го нарече, „режим во распаѓање“ е однапред осуден на неуспех.
„Ова е вашата последна шанса да му се придружите на народот и да помогнете во стабилната транзиција на Иран кон слободна и просперитетна иднина“, наведува тој, додавајќи дека секој евентуален наследник на Хамнеи би бил лишен од легитимитет и би сносел одговорност за наводните злосторства на режимот.
Во пораката, Пахлави изрази сочувство до семејствата на загинатите во антивладините протести и политичките репресии, оценувајќи дека смртта на Хамнеи „не може да ја врати пролeаната крв“, но може да претставува „мелем за изгорените срца на ожалостените семејства“.
Тој истакна дека ова, според него, претставува „почеток на голема национална прослава“, но и предупреди дека „патот не е завршен“, повикувајќи на будност и подготвеност за „масовно и одлучно присуство на улиците“ во блиска иднина.
Реза Пахлави, син на последниот ирански шах Реза Пахлави, со години живее во егзил и се позиционира како симбол на световна и демократска алтернатива на актуелниот систем во Техеран. Тој редовно повикува на ненасилна транзиција и воспоставување демократски поредок во Иран.
Во моментот нема независна потврда од иранските власти за наводите изнесени во неговата објава. Официјалните институции во Техеран сè уште не излегоа со соопштение во врска со состојбата на врховниот лидер.
Ситуацијата останува неизвесна, а евентуалните политички последици би можеле да имаат значајно влијание врз внатрешната стабилност на Иран, како и врз поширокиот регионален контекст на Блискиот Исток.
Израелската армија соопшти за најголемата воздушна операција во својата историја
Силна поддршка од Трамп до народот на Иран: Америка стои зад вас со огромна сила
Останува во сила забраната за пиење вода во Струга, заматеноста е намалена
Бугарската банка за развој се приклучи кон новата иницијатива на ЕК „EastInvest“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

