Шекеринска: На Денот на победата над фашизмот да ја чествуваме храброста на Украинците денес
Заменик генералниот секретар на НАТО, Радмила Шекеринска, се обрати на Киевскиот безбедносен форум, упатувајќи јасна порака за поддршка и солидарност со Украина во нејзината борба против руската агресија.
„Имав можност да го видам лицето на храброста,“ рече Шекеринска. „Тоа е лицето на украинските ветерани кои ги сретнав. Тие го отелотворуваат неуништливиот дух на еден горд народ.“
Од почетокот на руската инвазија, украинските војници покажуваат исклучителна храброст, сила и решителност. Но, Шекеринска нагласи дека не смее да се заборави и отпорот на цивилното население кое и понатаму страда поради руската воена агресија.
„Теророт од небото цели кон цивилите, руши домови, училишта, болници и енергетска инфраструктура,“ истакна таа.
Шекеринска потсети на неодамнешните напади, како смртоносниот ракетен напад врз Киев минатиот месец и нападот врз Суми на Цветници, како и на стотиците илјади убиени и ранети во текот на војната.
Таа беше децидна: „Украинскиот народ заслужува вистински мир, вистинска безбедност и вистинска сигурност.“
НАТО стои цврсто зад Украина – од почетокот на конфликтот, денес, и во иднина. Алијансата, заедно со партнерите, обезбедува невидена воена поддршка, вклучувајќи критични воздушни одбрани, како и финансиска и хуманитарна помош.
Шекеринска спомена и конкретни чекори како отворањето на првиот заеднички НАТО-Украина центар во Полска за анализа, обука и едукација, кој ќе помогне во учењето на лекциите од војната.
Во првите три месеци од 2025 година, НАТО сојузниците веќе ветија повеќе од 20 милијарди евра помош за Украина, а многу земји, вклучувајќи ја Франција и Обединетото Кралство, се подготвени да преземат уште поголема одговорност за обезбедување на мирот кога ќе дојде времето.
„На овој Ден на победата во Европа, да не ги одбележиме само жртвите од минатото, туку и храброста и истрајноста на сите Украинци кои се соочуваат со војна денес,“ заврши Шекеринска. „Тие повторно заслужуваат да живеат во мир, мир кој е праведен и траен.“