од Вардарски
Истражување спроведено во Бугарија покажува дека мнозинството граѓани се подготвени да донираат орган на свој близок или роднина, доколку тоа е животозагрозувачка ситуација. Според податоците на агенцијата "Тренд", 55% од испитаниците изјавиле дека би донирале орган, 19% не би, а 26% не можеле да се одлучат.
Истражувањето е спроведено меѓу 1002 полнолетни граѓани од 16 до 22 октомври 2024 година и ги открива ставовите на Бугарите за донорството и трансплантацијата. Во фокусот е и довербата кон медицинскиот систем, запознаеноста со процесот на донирање и емоционалните предизвици поврзани со оваа чувствителна тема.
Повеќето испитаници го поддржуваат донорството – 62% имаат позитивен став, додека 18% се против и 20% немаат формирано мислење. Но, кога се работи за лично донорство по смртта, само 40% изразиле подготвеност, 34% се изјасниле негативно, а 26% се неодлучни.
Загрижувачки е фактот што дури 80% од испитаниците никогаш не разговарале со своите блиски за оваа тема – што во пракса значи дека најчесто нема јасно изразена волја во случај на неочекувана ситуација.
Само 7% од испитаниците изјавиле дека се целосно запознаени со поимот „мозочна смрт“, а 24% не знаат ништо на оваа тема. Малку над една третина од граѓаните знаат дека мозочната смрт е неповратно медицинско состојба. Овие податоци укажуваат на сериозна потреба од едукација.
Иако речиси половина би им верувале на лекарите кога станува збор за дијагнозата „мозочна смрт“, причините за недоверба се длабоки: 68% се плашат од грешна дијагноза, 60% немаат доверба во лекарите, а 51% стравуваат од незаконити активности поврзани со донорство.
На прашањето дали би можеле да донесат одлука за донирање орган на свој близок, 47% одговориле дека не можат, најчесто поради емоционалната тежина. Само 30% веруваат дека би можеле да донесат таква одлука, додека 23% не се сигурни.
Дополнително, 77% од испитаниците никогаш не го споделиле своето мислење со блиските за тоа дали сакаат да бидат донори по смртта.
Јорданка Динева, директорка на бугарската Агенција за медицински надзор, истакна дека довербата е клучен елемент во процесот на донорство. Таа најави дека млади лекари ќе бидат испратени во странство на обука за трансплантација на органи – чекор кој се гледа како важен за подобрување на системот.