17 ноември 2025
• од Станча Јаќимовски
Јужнокорејската влада соопшти дека финализирала договор со САД за заедничка изградба на нуклеарни подморници – историски чекор што доаѓа во период на зголемени тензии на Корејскиот Полуостров. Според информациите, Вашингтон се согласил да соработува и во снабдувањето со нуклеарно гориво, јавува Би-би-си.
Договорот следува откако лидерите на двете земји минатиот месец постигнаа и ново трговско споразумение, со кое реципрочните тарифи се намалуваат од 25% на 15%. Американскиот претседател Доналд Трамп претходно годинава воведе 25% царинска стапка за Сеул, но неговиот јужнокорејски колега Ли Џе Миунг успеа да договори намалување во замена за инвестиции во САД во висина од 350 милијарди долари – од кои 200 милијарди во готовински инвестиции и 150 милијарди во бродоградба.
Во објава на „Truth Social“, Трамп напиша дека подморниците ќе бидат изградени во бродоградилиште во Филаделфија, управувано од јужнокорејскиот конгломерат Hanwha.
Во моментов само шест држави поседуваат стратешки нуклеарни подморници: САД, Кина, Русија, Велика Британија, Франција и Индија. Јужна Кореја располага со околу 20 подморници, но сите се на дизелски погон и мораат почесто да излегуваат на површина. Нуклеарните подморници се побрзи, можат да патролираат подолго и да делуваат на значително поголеми растојанија.
Иако Јужна Кореја е водечка сила во цивилната нуклеарна енергија, нејзините можности за обогатување и преработка на уран се ограничени од САД. Земјата имаше програма за нуклеарно оружје во 1970-тите, но ја прекина под американски притисок.
Новата програма за нуклеарни подморници се гледа како одговор на Северна Кореја, која неодамна откри дека развива сопствена нуклеарна подморничка флота. Јужнокорејскиот министер за одбрана Ан Гју-бак изјави во телевизиско интервју дека нуклеарните подморници би биле „големо национално достигнување“ и значаен чекор во одбраната од северниот сосед. Според него, нивната стелт-способност би го држела севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун „буден навечер“.
Сепак, експерти предупредуваат дека, иако скапи, овие пловни објекти можеби нема драстично да го изменат воениот баланс на полуостровот.
За Вашингтон, поддршката на јужнокорејската програма има двојна цел: притисок врз Северна Кореја и спротивставување на растечкото кинеско влијание во регионот. Кина во последните месеци го зголеми своето поморско присуство во близина на јужнокорејските води – потег што потсетува на нејзината политика во Јужното Кинеско Море.
Иако претседателот Трамп најави дека подморниците ќе се произведуваат во Филаделфија и ќе создадат нови работни места за Американците, властите во Сеул инсистираат дека нивната изградба мора да биде локална. Според нив, јужнокорејските бродоградилишта имаат многу поголем капацитет и можат да ги испорачаат подморниците во пократок рок.
Премиерот на Јужна Кореја, Ким Мин Сок, дури изјави на парламентарно сослушување дека бродоградилиштето во Филаделфија „нема капацитет“ за ваков тип сложени проекти.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

