28 февруари 2026
• од Гоце Кически
Премиерот на Албанија, Еди Рама, повика на официјално прогласување на Исламска револуционерна гарда за терористичка организација, истакнувајќи дека „е крајно време работите да се наречат со вистинското име“.
Во објава на социјалните мрежи, Рама нагласи дека покрај санкциите кон режимот во Техеран, неопходно е и формално ставање на Револуционерната гарда на листата на терористички организации, како што тоа веќе го направиле Соединетите Американски Држави и Канада.
„Исламската револуционерна гарда е терористичка организација и мора да се третира како таква“, порача албанскиот премиер, додавајќи дека одлуката не се темели само на поддршката за Израел и „мирољубивите братски арапски земји“, ниту само на сојузништвото со Соединетите Американски Држави во нивната воена поддршка за Израел.
Рама се повика и на ставовите на Европска Унија, потенцирајќи дека претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, повторно ја нагласила „убиствената природа на режимот во Техеран“.
Премиерот истакна дека Албанија директно се соочила со „варварското лице на режимот во Техеран“ преку кибер-агресии врз државните институции.
„За нас ова не е апстрактна геополитика. Ова е прашање на национална безбедност, морална и правна јасност“, нагласи Рама.
Во изминатите години, Тирана јавно го обвини Иран за серија сајбер напади, што доведе до сериозно влошување на дипломатските односи меѓу двете земји.
Рама најави дека Албанија ќе постапи согласно своите позиции и официјално ќе ја стави Револуционерната гарда на листата на терористички организации.
„Ги повикуваме нашите европски пријатели да го направат истото“, порача тој.
Албанскиот премиер исто така изрази целосна поддршка за „секој одлучен напор“ да се спречи Техеран да стекне нуклеарен или друг воен капацитет со кој би можел да му наштети на Израел или на која било друга мирољубива држава на Блискиот Исток.
„Тероризмот мора да се именува. А кога еднаш ќе се именува, мора и да се запре“, заклучи Рама во својата порака.
Останува во сила забраната за пиење вода во Струга, заматеноста е намалена
Бугарската банка за развој се приклучи кон новата иницијатива на ЕК „EastInvest“
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

