Радев: Спасувањето на бугарските Евреи е неизбришлив дел од нашата колективна меморија
Бугарскиот претседател Румен Радев денеска положи венец пред спомен-плочките на спасителите на бугарските Евреи до катедралата Света Софија, каде што се одржа церемонија по повод 82-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи за време на Втората светска војна и се оддаде почит на жртвите од холокаустот, јавуваат од кабинетот на бугарскиот претседател.
На свеченоста учествуваа главниот секретар на Светиот синод на Бугарската православна црква, епископот Герасим Мелнишки, претставници на институции, голем број невладини организации и граѓани. Со одлука на Министерскиот совет од 2003 г 10 март е прогласен за „Ден на холокаустот и жртвите на злосторствата против човештвото“ За време на церемонијата, бугарските историчари ја проследија хронологијата на настаните што довеле до спасување на бугарските Евреи, во контекст на историската ера.
По повод 82-годишнината од спасувањето на бугарските Евреи, претседателот Румен Радев испрати писмо и до директорката на 134 СУ „Димчо Дебељанов“, Весела Палдамова-Ковачева, во кое тој го поздрави стремежот на училиштето да ги зачува и пренесе на младите вредностите на мирот, толеранцијата и разбирањето меѓу луѓето и народите.
„За нашата иднина, важно е да размислуваме за минатото, да бараме поуки од трагичните настани што го обележаа човештвото и да црпиме инспирација од силата на моралот, храброста и единството што доведоа до спасување на бугарските Евреи, на илјадници невини животи, наведува претседателот Радев во своето писмо.
Во обраќањето до раководството на училиштето, наставниците, учениците и нивните родители, шефот на државата посочува дека на 10 март, кога се слави Денот на спасувањето на бугарските Евреи, се сеќаваме на историските настани кои останале неизбришлив дел од нашата колективна меморија повеќе од 80 години, како важни лекции – за разорната моќ на војната и за нераскинливата моќ на човечката добрина.
„Овде, во Бугарија, се случи нешто извонредно – благодарение на напорите на црковните водачи, политичарите, интелектуалците и обичните граѓани, речиси 50.000 бугарски Евреи беа спасени“, потсети шефот на државата, апелирајќи во иднина „да не ја заборавиме историјата и да изградиме мирен свет за нашите деца, да го афирмираме хуманизмот и да градиме уште посилни односи во иднина“.