Полска ја обвини Русија за подметнување пожар во трговски центар во Варшава
На прагот на годишнината од катастрофалниот пожар што ја проголта трговската зона Marywilska 44 во Варшава, полските власти излегоа со остри обвинувања – пожарот бил намерно подметнат по наредба на руските тајни служби.
Премиерот на Полска, Доналд Туск, преку објава на социјалната мрежа X (поранешен Twitter), соопшти дека властите веќе располагаат со цврсти докази за вмешаноста на Русија во саботажата. „Сега веќе е потврдено – големиот пожар во трговскиот центар Marywilska бил подметнат по налог на руските специјални служби. Дел од сторителите се уапсени, а другите се идентификувани и интензивно се бараат. Ќе ве најдеме сите!“, напиша Туск.
Пожарот избувна на 12 мај 2024 година и целосно го уништи комплексот со површина од 80.000 квадратни метри, каде функционираа околу 1.400 продавници и деловни простории. Повеќе од 80% од објектот беше уништен, а покривот се сруши под интензитетот на огнот. Во интервенцијата учествуваа стотици пожарникари, а борбата со огнената стихија траеше со часови.
По едногодишна истрага, во која беа вклучени и полската полиција и Агенцијата за внатрешна безбедност, властите утврдија дека станува збор за намерен акт на саботажа – дел од поширока, координирана руска кампања против полската инфраструктура. Истражните органи работат и во координација со литванските безбедносни служби, бидејќи дел од осомничените извршувале слични дејства и на територија на Литванија.
Ова не е изолиран случај. Претходно, во есента 2024 година, полските обвинители сугерираа дека руските разузнавачки служби стојат и зад серија експлозии во магацини на европски курирски служби. Дополнително, беше приведен украински државјанин кој се подготвувал да запали полска фабрика по инструкција на руските служби.
Обвинувањата на Полска се најновиот сигнал за зголемените тензии меѓу Истокот и Западот, при што Варшава тврди дека е цел на хибридни напади и саботажи кои имаат за цел да ја дестабилизираат земјата и поширокиот регион.