Папата Леоне XIV со силна поддршка за новинарите: „Вие ја браните и ја кажувате вистината!“
Во текот на својата прва аудиенција со претставници на медиумите, папата Леоне XIV упати силна порака на поддршка за новинарите ширум светот, посебно за оние кои се затворени поради нивната потрага по вистината. Тој ја истакна улогата на медиумите како чувари на правдата и достоинството, потенцирајќи дека „само информираните луѓе можат да донесуваат слободни одлуки“.
„Црквата е солидарна со сите новинари кои се прогонувани затоа што ја бараат и ја кажуваат вистината. Во оние кои известуваат од воени зони, и покрај ризикот по сопствениот живот, ја препознаваме храброста и посветеноста за правдата и правото на народите да бидат информирани“, изјави Папата, пренесува АФП.
Тој нагласи дека страдањето на затворените новинари е повик до совеста на меѓународната заедница, со апел за заштита на слободата на изразување и печатот, кои ги нарече „драгоцени добра“.
Обраќајќи се до медиумските работници, Папата рече: „Вие сте на првата линија за да сведочите за конфликтите, надежта за мир, неправдата, сиромаштијата, но и за безгласната работа на луѓето кои се залагаат за подобар свет“. Тој ги повика да го изберат патот на мирна и одговорна комуникација, со свест и храброст, без да подлегнуваат на просечност и сензационализам.
Посебно внимание Папата посвети на современите предизвици во комуникацијата, како што е вештачката интелигенција, нагласувајќи дека нејзината употреба мора да биде одговорна и разумна. Притоа, тој предупреди на опасностите од бучна и агресивна комуникација, повикувајќи на емпатија и слух за гласот на слабите.
Ова обраќање доаѓа веднаш по неговиот апел за мир до светските лидери на 11 мај, во текот на неговата прва неделна молитва од балконот на базиликата „Свети Петар“, каде што ја зацврсти својата посветеност на дијалог, правда и глобална солидарност.