19 февруари 2026
• од Гоце Кически
Надежда Нејнски денес официјално ја презеде функцијата министер за надворешни работи на Бугарија на свечена церемонија во Министерството за надворешни работи. Во своето прво обраќање до медиумите таа најави континуитет и стабилност во бугарската надворешна политика.
Новата министерка нагласи дека главната насока ќе биде доследно исполнување на меѓународните обврски и заштита на националните интереси. Според неа, Бугарија треба да води активна и предвидлива надворешна политика со јасно присуство во меѓународните дебати.
Посебен акцент во излагањето Нејнски стави на регионот на Западен Балкан. Таа порача дека бугарската политика кон соседството ќе остане конзистентна и ангажирана.
„Демократизацијата на Западниот Балкан, вклучително и во контекст на човековите права, останува сериозен приоритет за Бугарија“, изјави таа.
Министерката потенцира дека Софија ќе продолжи да ја поддржува европската перспектива на државите од регионот, но врз основа на принципот на сопствени заслуги и целосно исполнување на критериумите за членство во Европската унија. Таа додаде дека активното учество на Бугарија во процесите поврзани со регионалната стабилност и безбедност ќе биде важен дел од работата на Министерството.
Во своето обраќање Нејнски се осврна и на други клучни теми од агендата. Таа нагласи дека Бугарија ќе го одржува активниот дијалог со партнерите од ЕУ и НАТО и ќе продолжи да работи на зачувување на својата улога како предвидлив сојузник.
Во врска со војната на Русија против Украина, министерката оцени дека јасната позиција на Софија е прашање на национален интерес, а не само на солидарност. Таа најави дека Бугарија ќе биде активна во напорите за постигнување праведен мир што ќе ја почитува независноста и територијалниот интегритет на Украина.
Нејнски исто така посочи дека во наредниот период ќе се работи на организацијата на гласањето во странство, особено во земјите надвор од Европската унија, како и на финалните чекори во процесот на пристапување на Бугарија кон Организацијата за економска соработка и развој.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден

