17 септември 2025
• од Гоце Кически
Бугарија чекори со крупни и современи потези во европската енергетска сцена. Во Ловеч беше пуштено во употреба најголемото складиште за електрична енергија во Европската Унија и петто по големина во светот. Со инсталирана моќност од 124 MW и капацитет за складирање од 496 MWh, овој проект на компанијата „Адвaнс Грин Енерџи“ претставува вистински пресврт во енергетската иднина на државата.
Вредноста на инвестицијата изнесува 146,7 милиони лева, од кои речиси 58 милиони се обезбедени преку Планот за закрепнување и отпорност на ЕУ. Ова ја покажува довербата на европските институции во капацитетите на Бугарија да гради модерна и конкурентна економија.
Комплексот е составен од 16 модули, секој со капацитет од 31,3 MWh. Системот користи литиево-железо-фосфатни батерии – технологија што веќе се смета за најсигурно решение за складирање енергија во светски рамки.
Благодарение на оваа батерија, ќе се намалат ценовните пикови на струјата, што директно ќе ја олесни состојбата и за индустријата и за домаќинствата. Според инвеститорите, стабилното складирање на енергијата ќе отвори простор за нови обновливи извори, со што Бугарија ќе стане уште посилен играч на европскиот пазар.
„Со оваа инвестиција покажуваме дека Бугарија може да биде лидер во регионот и да ја следи најсовремената европска енергетска стратегија“, изјави Георги Домусчиев, извршен директор на „Адвaнс Грин Енерџи“.
Проектот е особено значаен за Ловеч – регион кој со години се соочува со висока невработеност и слаба индустријализација. Батерискиот комплекс не само што ја унапредува енергетската инфраструктура, туку создава и нови можности за локалната економија.
Завршен за само шест месеци, овој проект е доказ дека со европска поддршка и со бугарска визија може да се реализираат големи и брзи промени.
„Адвaнс Грин Енерџи“ веќе најави дека слични батерии ќе бидат поставени и во фабриките во Разград и Пещера, со капацитет помеѓу 130 и 180 MWh.
Овие чекори потврдуваат дека Бугарија не е само пасивен следбеник, туку активен носител на иновации во европската енергетска политика.
Ненадминливи Понуди Дневно
4.8 (10276 рецензии)
Заштедете 152.00 ден