МНР на Бугарија продолжува со грижа за повредените од Кочани – поддршката не завршува со болницата
Министерството за надворешни работи на Бугарија соопшти дека излекуваните граѓани на Република Северна Македонија, кои беа повредени во трагичниот пожар во Кочани, ќе продолжат да добиваат потребна постхоспитална медицинска грижа во бугарските здравствени установи, доколку е тоа потребно.
Освен медицинската нега, бугарската држава ќе продолжи да ги поддржува повредените и нивните придружници и во поглед на нивното сместување сè до нивното конечно враќање во татковината, информираа од МНР на Бугарија.
Од Министерството истакнуваат дека не можат да споделат податоци за здравствената состојба на пациентите кои се уште се лекуваат во Бугарија, како и на оние кои се веќе отпуштени од болница, бидејќи станува збор за лични информации.
Министерството е во редовна комуникација со роднините на отпуштените пациенти од Република Северна Македонија. Според нив, сите изразуваат голема благодарност до медицинскиот персонал од болниците УМБАЛСМ „Пирогов“ во Софија, МБАЛ при ВМА – Варна и УМБАЛ „Свети Георги“ во Пловдив, како и до Министерството за здравство, Министерството за надворешни работи и Амбасадата на Бугарија во Скопје за навремената и стручна помош во овие тешки моменти.
Денес од болницата „Пирогов“ беа отпуштени четворица повредени во пожарот, кои, според информациите, се во добра здравствена состојба. Нивните родители упатија јавна благодарност до бугарските граѓани, институции и сите крводарители за покажаната хуманост и поддршка.
Пожарот што избувна во забавно заведение во Кочани во март годинава повреди околу 200 лица, од кои 61 го загубија животот. Некои од повредените беа пренесени на лекување во странство, меѓу кои и 15 лица кои беа хоспитализирани во Бугарија – осум во „Пирогов“, а по тројца во болници во Пловдив и Варна.